Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација побараа од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не ги потпишува указите за законските измени во образованието, со кои, како што велат, се укинува здравствената едукација базирана на докази, избришани се теми поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, а се легализираат форми на дискриминација и насилство врз младите во образовниот систем.
Тие реагираат дека неодамна усвоените измени на Законот за основно образование и Законот за учебници во основно и средно образование, биле донесени без вклученост на стручната јавност, без консултација со младите и оти се во целосна спротивност со принципите на инклузивност и научна заснованост.
„Со вие законски измени се во директна спротивност со сите препораки што државата ги има добиено изминатава деценија од телата на Обединетите Нации за почитување на човековите права, со заложбите преземени во рамки на Целите за одржлив развој – особено Целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на држвата. Државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација. Загрижува податокот дека никој од стручната јавност, ниту младинските организации, не побараа ваков тип на законски измени во образованието. Токму затоа прашуваме, дали Владата и Парламентот се во директна спрега со неформални и формални радикални групи, кои под превезот на ‘заштита на правата на децата’ секојдневно промовираат – дискриминација, омраза, насилство, шират теории на заговор против употреба на вакцините и други методи за здравствена превенција базираат на докази“, се вели во реакцијата до Сиљановска-Давкова.
Двете невладини организации во реакцијата наведуваат дека во Македонија, сѐ почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори.
Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата.
„За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст; Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години; Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилствоза разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74 %), чувства на тага и безнадежност (47 %) или со сериозни самоубиствени мисли (30 %); Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството“, велат тие.
Организациите бараат од претседателката да не ги потпишува указите, да побара ревизија и повлекување на овие измени, како и да побара јавна дебата со вклучување на млади, стручни лица, младински и граѓански организации.