Специјалното јавно обвинителство побрало од Кривичниот суд во Скопје замрзнување на имотот на неколку лица осомничени во случајот „Транспортер“, меѓу кои и градоначалникот на Битола, Владимир Талески, потврдија за „Мета“ од СЈО.
Оттаму велат дека во тек е постапката што СЈО ја најави на прес-конференцијата на 14 април, кога беше отворен случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола.
– Во согласност со член 97 од Кривичниот закон, никој не може да ја задржи непосредната и посредна корист прибавена од кривично дело, а одлука за конфискација судот ќе донесе во постапка определена со закон и кога од правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на кривично дело. Според тоа, ние имаме законска обврска да ги продолжиме постапките за обезбедување докази за противправно прибавена имотна корист и да поведеме постапки за конфискација за имотната корист прибавена од кривични дела да не остане кај сторителите на овие дела и да се врати во буџетот на Република Македонија, односно на граѓаните на Република Македонија – изјави тогаш обвинителката на СЈО, Ленче Ристовска.
Од Специјалното обвинителство за „Алсат-М“ соопштиле дека било поднесено барање до судот за конфискација на имот на шест лица осомничени во „Транспортер“, меѓу кои и лица што беа помилувани од понатамошно кривичнo гонење од претседателот на државата, Ѓорге Иванов.
„Против шест лица е поднесен предлог за обезбедување имот. Меѓу нив и осомничени, но и лица кои беа помилувани од кривичен прогон. Вкупната вредност за која е утврдено дека е настаната штета изнесува 22.024.891 денар (околу 360.000 евра н.з.)“, велат од СЈО.
Во случајот „Транспортер“ осомничени се вкупно 22 лица. Од нив на двајца судот им одреди мерка куќен притвор, а на уште девет други им е ограничено движењето со одземање на пасошите, забрана да го напуштаат градот во кој живеат и со обврска да се јавуваат пред надлежен суд.