Дејвид Лабан, претседателот на американската Асоцијација на јавни обвинители, смета дека формирањето на Специјалното обвинителство е само прв чекор во разрешувањето на случајот со прислушуваните материјали во Македонија, додека следно е формирање на Специјален суд за спроведување на истрагите, пренесува „Гласот на Америка“.
„Ако има јавен суд на кој може да му се верува, тоа е сепак подобар начин, бидејќи тајните или специјалните судови, кои се надвор од редовниот судски систем, некогаш можат да доведат уште повеќе да се намали довербата на граѓаните во Владата. Целта е токму спротивното“, објаснува тој.
Но, прашањето е, вели тој, дали Македонија има суд кој може да води случаи како овие и на кој може да му се верува.
На специјалната обвинителка Катица Јанева тој ѝ порача „не се откажувајте, секогаш работете за вистинското добро, за вистинската личност и поради вистинска причина“ и вели дека треба да се исполнат три услови за СЈО да работи ефективно – независност, буџет и екипираност.
Според Лабан, случајот со прислушуваните материјали за Лабан е исклучителна реткост.
„Да потрошите 50 милиони долари јавни пари за да отидете во Израел и да купите опрема, да прислушувате 20 илјади луѓе, и на крај сите информации да излезат токму од сопственото прислушување, е вистинска иронија. Во суштина тие се фатија себеси“, рече Лабан, кој е убеден дека ако истрагите не утврдат одговорност, ќе се закочи и евроатлантската интеграција на Македонија.