Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) го предаде случајот „Сопот“ на Специјалното јавно обвинителство, соопшти Јавното обвинителство.
Од ОЈОГОКК велат дека по добиеното известување од Советот на јавните обвинители од 4 јули, во кое нема донесена децидна одлука дали да се предаде предметот, туку дека ќе треба самостојно да одлучат дали наведениот предмет ќе го достават до СЈО, ОЈОГОКК одржал колегиум на обвинители, на кој што било заклучено предметот познат во јавноста како „Сопот“, што е во фаза на првостепена судска постапка пред Основниот суд Скопје 1, со неговите списи, да се достави до СЈО за да истото се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност. Предметот до ова јавно обвинителство е доставен денес.
„Сопот“ е судски случај во кој селани од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно поставување мина на пат на која нагази теренско возило на НАТО со полски војници и со наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За тоа дело, 11 лица беа осудени на затворски казни.