СКОПСКИ „ВОДОВОД“ Е НАЈГОЛЕМ ЗАГУБАР И ДОЛЖНИК, ПОЛОВИНА ОД ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЈА ЗАВРШИЛЕ 2024 СО ВКУПНА ЗАГУБА ОД 17,4 МИЛИОНИ ЕВРА

    СКОПСКИ „ВОДОВОД“ Е НАЈГОЛЕМ ЗАГУБАР И ДОЛЖНИК, ПОЛОВИНА ОД ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЈА ЗАВРШИЛЕ 2024 СО ВКУПНА ЗАГУБА ОД 17,4 МИЛИОНИ ЕВРАНа првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“. Само скопски „Водовод“ има загуба од 4,2 милиони евра, „Улици и патишта“ од 2,6 милиони евра, а „Комунална хигиена“ 1,2 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    Половина од јавните претпријатија во државата ја завршиле 2024 година со загуба. Според податоците од завршните сметки за 2024, од вкупно 128 јавни претпријатија чии основачи се Општините, дури 71, односно 55% ја завршиле годината со загуба. Вкупните загуби на овие 71 претпријатие изнесуваат 17,4 милиони евра,  покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

    Истражувањето покажува дека вкупните загуби само на првите 10 претпријатија со најголеми негативни финансиски резултати изнесуваат 13,5 милиони евра, што е дури 77% од вкупните загуби на локалните јавни претпријатија. На првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“. Само скопски „Водовод“ има загуба од 4,2 милиони евра, „Улици и патишта“ од 2,6 милиони евра, а „Комунална хигиена“ 1,2 милиони евра.

    На четврто и петто место се две битолски претпријатија, „Водовод“ со еден милион евра и „Комуналец“ со 960.000 евра. Потоа следи скопски „Паркови и зеленило“ со 944.000 евра, како и комуналните претпријатија “Водовод“ од Кочани со 902.000 евра, „Дервен“ од Велес со 600.000 евра, „Охридски комуналец“ со 597.000 евра и „Водовод и канализација“ Прилеп со 462.000 евра.

    „Загубите на локалните јавни претпријатија во 2024 година се зголемени во однос на 2023 година дури за 56 %, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години зголемен е и бројот на претпријатија што работеле со загуба и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024 година. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката на овие претпријатија е зголемена. Во 2024 година вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра што е за 24 % повеќе од 2023 година“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

    Уште поголеми од загубите се долговите на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски. Според нивните завршни сметки, дури 126 од 128-те локални јавни претпријатија имаат долгови кои вкупно изнесуваат 193,2 милиони евра.

    Најголеми долгови има истото претпријатие кое има и најголема загуба, односно скопски „Водовод и канализација“. Само ова претпријатие има краткорочни обврски од 53,3 милиони евра.

    Следно е Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ кое има долгови од скоро 17 милиони евра. Со долгови од по речиси 10 милиони евра се кумановски „Водовод“ и гостиварски „Комуналец“. На петто место, со долгови од 8 милиони евра се наоѓа скопска „Комунална хигиена“.

    Првите десет претпријатија со најголеми долгови, заедно долажат 40% од вкупните долгови на сите претпријатија, а долгот на првите 20 најзадолжени претпријатија изнесува 53% од вкупните долгови.

    Една третина од локалните јавни претпријатија имаат блокирана банкарска сметка, односно 41 претпријатие.

    Гледано во однос на вкупните приходи и расходи на претпријатијата се воочува пораст и на двете страни. Притоа, приходите се зголемени за 6,1 милион евра, односно за 2,7 % во 2024 година во однос на претходната година, а расходите, пак, пораснале за 11,7 милиони евра, односно за 5, % .

    Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос има 12.009 вработени. Најмногу вработени, по повеќе од илјада имаат три скопски локални претпријатија – „Комунална хигиена“, ЈСП и „Водовод и канализација“. Од другите градови, претпријатие со најмногу вработени е штипски Исар.

    „Бројот на вработени во локалните јавни претпријатија е во благ пад. Во 2024 година бројот на вработени изнесува 12.009 што е за 171 вработен (1,4 %)  помалку од 2023 година, односно 462 вработени (3,7 %) помалку од 2022 година“, покажува истражувањето.

    M. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира