Четири скопски општини од почетокот на годинава распишале огласи или веќе потпишале договори за привремени вработувања во вредност од околу 550 илјади евра. Станува збор за општините Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба и Бутел.
Општина Гази Баба на 11 март потпиша договор со приватна агенција за вработувања во износ од нешто над 10 милиони денари, без ДДВ, за услуги за обезбедување на персонал вклучувајќи и привремен кадар.
Општина Карпош имаше оглас за привремени вработувања со проценета вредност од 4,6 милиони денари, без ДДВ. Прворангиран понудувач е избран на 14 март, а наскоро ќе биде донесена и конечна одлука за јавната набавка за деловни услуги: правни, маркетинг, консултантски услуги, регрутирање, печатење и осигурување.
Општина Бутел има распишано оглас за привремени вработувања, без проценета вредност, но во огласот е наведено дека општината во буџетот има предвидено 11 милиони денари за оваа намена. Огласот за услуги за обезбедување на персонал вклучувајќи и привремен кадар е до 1 април.
Општина Ѓорче Петров има распишано оглас за привремени вработувања со проценета вредност од 8,26 милиони денари, без ДДВ. Огласот е до 25 март и е за услуги за обезбедување на персонал вклучувајќи и привремен кадар.
Ваквите договори со приватни агенции за вработувања вообичаено се потпишуваат на 12 месеци.
Овие вработувања се случуваат во период кога општините, преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), бараат финансиска помош од Владата. Како што вели претседателката на ЗЕЛС, скопската градоначалничка Данела Арсовска, Владата три месеци не ги слуша барањата на општините за помош.
„Општините особено помалите се наоѓаат во многу тешка состојба откако сметките за струја им се енормно зголемени“, кажа градоначалничката и предупреди дека тие „нема да можат да ги извршуваат услугите кон граѓаните и да ги реализираат проектите“.
Таа пред еден месец најави и радикализација ако Владата не излезе во пресрет односно не им даде пари на општините за да се покрие разликата од зголемената цена на струја.
Од Владата одговараат дека како и останатите институции нормално е дека и општините се погодени од економската и енергетската криза, но засега не покажуваат иницијатива за штедење и наоѓање средства преку механизмите кои ги имаат.