Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека во Македонија следува мирен и брз трансфер на власта пред да се сретне со Ѓорге Иванов во претседателската вила на Водно за да му ги даде потписите, кои беа услов за добивање мандат за формирање влада.
„Ова е историски ден за Република Македонија. Во рака држам 67 потписи од пратеници во Собранието, коишто гарантираат можност за формирање нова влада. Очекувам Иванов да го даде мандатот што е можно побрзо за да можат да почнат преговорите за формирање нова влада. Сакам да им порачам на граѓаните и на институциите дека во Македонија следува мирен и брз трансфер на власта“, изјави Заев пред состанокот со претседателот Иванов.