СЛУЖБЕНИЧКАТА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО ГЕВГЕЛИЈА Е НЕПРАВОСИЛНО ОСУДЕНА, НЕ ТРЕБАЛО ДА Ѝ СЕ ОБЈАВАТ ИМЕТО И ПРЕЗИМЕТО, ОДЛУЧИ СОВЕТОТ ЗА ЕТИКА ВО МЕДИУМИТЕ

    СЛУЖБЕНИЧКАТА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО ГЕВГЕЛИЈА Е НЕПРАВОСИЛНО ОСУДЕНА, НЕ ТРЕБАЛО ДА Ѝ СЕ ОБЈАВАТ ИМЕТО И ПРЕЗИМЕТО, ОДЛУЧИ СОВЕТОТ ЗА ЕТИКА ВО МЕДИУМИТЕПодносителката на жалбата, неправосилно осудената службеничка, смета дека со текстот ѝ се злоупотребени личните податоци со тоа што во целост биле објавени нејзините име и презиме. (Фото: принтскрин/СДК.МК)

    Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, постапувајќи по жалба на Елена Стојанова за текстот на насловен „Службеничка во Јавното обвинителство на Гевгелија доби осум месеци затвор за оддавање доверливи податоци на адвокати“, утврди дека авторот требало да се воздржи од наведување на името и презимето на службеничката, зашто, од една страна, таа не е правосилно осудена, а од друга страна, не станува збор ниту за јавна, ниту за високопозиционирана личност, кои по правило подлежат на поширок јавен надзор.

    Подносителката на жалбата смета дека со текстот ѝ се злоупотребени личните податоци со тоа што во целост биле објавени нејзините име и презиме. Таа смета дека нејзините лични податоци не смеело да бидат објавени затоа што не станува збор за правосилна пресуда, туку постапка која е во тек на жалба.

    Одлуката на Советот за етика во целост:

    Интернет – порталот „Сакам да кажам“, со текстот насловен „Службеничка во Јавното обвинителство на Гевгелија доби осум месеци затвор за оддавање доверливи податоци на адвокати“, го прекрши Кодексот на новинарите во членот 8.

    До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 25 ноември 2019 година, Елена Стојанова поднесе жалба за текстот со наслов „Службеничка во Јавното обвинителство на Гевгелија доби осум месеци затвор за оддавање доверливи податоци на адвокати“, објавено на 19 ноември 2019 година, на интернет – порталот „Сакам да кажам“ (www.sdk.mk).

    Во жалбата се наведува дека во текстот се злоупотребени личните податоци на подносителката на жалбата, Елена Стојанова. Стојанова вели дека во текстот, во кој било објавено дека таа е осудена на затворска казна, биле во целост објавени и нејзиното име и презиме. Таа смета дека нејзините лични податоци не смееле да бидат објавени, затоа што не станувало збор за провосилна пресуда, туку за постапка во која во тек била жалба. Стојанова посочува дека вака објавената содржина ѝ го повредила правото на презумпција на невиност и ѝ нанела огромна психичка и емоционална болка.

    „При повторно отварање на линкот во кој ми се злоупотребени личните податоци приметив дека од страна на новинарот отпосле е правена промена, во смисла на тоа дека е додадено дека се работи за неправосилна пресуда, иако тоа при првото објавување воопшто не беше спомнато“, се вели во поднесената жалба.

    Стојанова во прилог на жалбата достави и принт-скринови од текстот пред и по корекцијата на содржината.

    ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

    Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со интернет-порталот „Сакам да кажам“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Главниот и одговорен уреднок на медиумот, Горан Михајловски, одговори на наводите на жалителот.

    Михајловски ја отфрла жалбата како неоснована и смета дека оспорениот текст е согласно Кодексот на новинарите и професионалните практики за известување за судски процеси. Тој појаснува дека и во насловот и во текстот јасно е укажано дека станува збор за неправосилна пресуда и, според тоа, немало повреда на приватноста и правото на пресумпција на невиност.

    „Сакаме да потенцираме дека кривично-правниот настан за кој обвинетата е првостепено осудена е од висок јавен интерес, со оглед на тоа дека во последно време се случува зачестена појава на незаконско извлекување на списи, записници и службени белешки, документи, записи од сведочења, од постапки во обвинителствата кои се службена тајна или се од доверлив карактер“, се вели во одговорот на поднесената жалба.

    Михајловски, меѓу другото, посочува дека интернет – порталот „Сакам да кажам“ случајот со неправосилно осудената Стојанова го следела уште од јуни 2018 година, кога СВР Струмица поднела кривична пријава против неа и дека во тогашното известување биле наведени само иницијалите на осомничената.

    ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

    Комисијата за жалби утврди дека жалбата е ОСНОВАНА и дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членот 8.

    Член 8: „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“.

    „Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда“.

    ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

    На седницата на 18 декември 2019 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.

    Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за текст кој пренесува информација за стручен соработник во Јавното обвинителство во Гевгелија, неправосилно осуден за одавање доверливи податоци од истраги. Комисијата, од друга страна, констатираше и дека интернет – порталот објавил две различни верзии на текстот (во првата недостига терминот „неправосилно осудена“, а во второобјавената верзија е вметнат и терминот „неправосилна“.

    Текстот, несомнено, произлегува од јавниот интерес, но новинарот, во случајов, морал да внимава и да направи јасна проценка дали правото на јавноста да биде информирана надвладеало над обврската за почитување на принципот на пресумпција на невиност.

    Комисијата се согласи дека авторот требало да се воздржи од наведување на името и презимето на службеничката, (подносител на жалбата), зашто, од една страна, таа не е правосилно осудена, а друга страна, не станува збор, ниту за јавна, ниту за високопозиционирана личност, кои по правило подлежат на поширок јавен надзор. Оттука, Комисијата најде дека во текстот е прекршен членот 8 од Кодексот на новинарите, според кој во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда. Ваквата постапка е направена во првата реченица од текстот:

    „Основниот суд Велес неправосилно ја осуди Елена Стојанова, стручен соработник од гевгелиското Јавно обвинителство, на осум месеци затвор бидејќи соопштувала доверливи податоци од истрагите на адвокати, при што преку Вибер им испраќала и копии од документи“.

    Кодексот на новинарите налага дека особено треба да се внимава на пресумпција на невиност при известување за настани поврзани со криминал или при известување од судење. Со други зборови, обвинетиот не смее да се прогласи за виновен пред тоа да го направи судот.

    Всушност, гаранциите и заштитата за правично судење и пресумпција на невиност се предвидени и во Универзалната декларација за човекови права (член 11), според која секој обвинет за кривично дело има право да претпоставува дека е невин сè додека не се докаже неговата вина во согласност со законот и на јавно судење, на кое тој ги има сите гаранции неопходни за негова одбрана.

    Интернет – порталот „Сакам да кажам“ по првично објавениот текст, извршил извесни корекции во содржината, откако до медиумот реагирала подносителката на жалбата и откако постапката се најде пред Советот за етика. Членовите на Комисијата за жалби утврдија дека медиумот го сменил првичниот наслов и објавил друг, кој суштински ја менува информацијата:

    „Службеничка во Јавното обвинителство на Гевгелија доби осум месеци затвор за оддавање доверливи податоци на адвокати“

    „Службеничка во јавносто обвинителство на Гевгелија неправосилно осудена на осум месеци затвор за оддавање доверливи податоци на адвокати“

    Во овој контекст, Комисијата ја цени и, во оваа прилика, ја поздравува и подготвеноста на медиумите да ги коригираат или надополнат информациите, кога ќе се утврди пропуст во содржината. На тој начин, новинарот го штити сопствениот интегритет и интегритетот на медиумот во кој што работи. Во овој контекст, Комисијата се согласи дека при извршените корекции, интернет – порталот „Сакам да кажам“ можел да го земе предвид и принципот на пресумпција на невиност и наместо целото име и презиме на неправосилно осудената да ги објави нејзините иницијали.

    * * *

    При своето одлучување Комисијата ги зеде предвид и:

    *Член 13 од Уставот:

    „Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“.

    *Декларацијата на Комитетот на министри на Советот на Европа за слободата на политичка дебата во медиумите (872 состанок од 12.02.2004 година), во делот што потсетува дека остварувањето на правото на слобода на изразување со себе носи обврски и одговорности, за кои вработените во медиумите мора да водат сметка и дека тоа легитимно може да биде ограничено поради одржување рамнотежа помеѓу ова право и почитување на другите основни права, слободи и интереси заштитени со Конвенцијата (член 8).

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира