Со 12 милиони евра во наредните 10 години ќе се обучува квалификуван кадар за да се подигне конкурентноста на македонските компании. Овие обуки ќе се реализираат преку проектот „Образование за вработување“ кој го реализира Стопанската комора во соработка со амбасадата на Швајцарија, а потребните финансии ги обезбедува швајцарската влада.
Од Стопанската комора велат дека со проектот е предвидено средствата да ги добијат компании од седум сектори, кои сами ќе ја вршат обуката, имаат обучувачи за тоа и планираат да ги вработат лицата кои ќе одат на обука. Услов ќе биде тие да вработат половина од лицата кои ќе поминат на обуката.
Стефан Томагиан, заменик амбасадор на Швајцарија рече дека ова прашање треба да се третира долготрајно и дека затоа проектот ќе трае најмалку 10 години.
„Во првите четири години треба да се постигне вработување на околу 2.200 работници, пред сѐ млади лица. Вкупната вредност за обуките е 12 милиони евра. Една компанија може да биде корисник на најмногу 10 илјади швајцарски франци, за обука на 50 лица“, рече Томагиан.
Според Стопанската комора формалниот систем за образование не произведува кадри кои имаат квалификации што ги бара приватниот сектор. Потребно е воведување дуално образование, учење преку практична работа и други начини на обука за да се намали некомпатибилноста на понудата на работна сила со побарувачката од страна на компаниите.
„По тримесечната обука тие имаат обврска во рок од три месеци да вработат 50 отсто од оние кои ги обучиле, рече Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија.
Од комората велат дека три компании веќе склучиле вакви договори и дека се надеваат дека компаниите на овој начин ќе добијат квалификувани работни, а оние што нема да го вработат ќе бидат поконкурентни на пазарот. Според компаниите постојано имаат потреба од квалификувани работници, особено што тие се иселуваат во европските земји.
Станува збор за компаниите Костал која произведува делови за автомобилската индустрија, Ронтис швајцарска компанија во Велес која произведува медицински помагала и КАК, компанија од угостителскиот сектор која поседува два хотели во Битола, три во Маврово и управува со скијачкиот центар во Маврово.