Лани во земјава имало за 23 отсто зголемување во издавањето на лекот „сумамед“, кој треба да биде антибиотик за последна линија за лекување, и затоа планираме повеќе мерки за ограничување на издавањето антибиотици, рече денеска директорот на Фондот за здравствео осигурвање (ФЗО) Сашо Клековски.
На брифингот со медиумите за работата на Фондот за годинава и за плановите за следната година, Клековски меѓудругото кажа и дека во 2026 треба да профункционира е-рецептот, кој беше најавен за оваа година.
„Нашата порака до лекарите е дека зголемивме вреднувањето на матичните лекари со покачувањето на капитациониот бод, повеќе ги вреднуваме, повеќе се платени, сега очекуваме зголемена одговорност во однос на нивното работење. Тоа значи ригорозно придржување до казнената политика доколку се надминат квотите за препишување антибиотици и анксиолитици. Ние имаме само за тие две групи ограничување за препишување и втората мерка што ја планираме е е-рецепт, кој во основа треба да обезбеди позадинска контрола на идниикациите и дозирањата. Бидејќи ние во основа имаме загуба и во несоодветно препишување, во смисла на дозирање на издавање поголеми количини одошто се неопходни“, рече Клековски.
Е-рецептот е веќе тестиран и кај матичните лекари и кај аптектите и се чекаат уште два правилника од Министерството за здравство.
Овој систем, вели Клековски, ќе ги заштити и докторите од притисоците да се препише готова терапија, бидејќи, вели, знаеме дека притисокот некогаш доаѓа од осигурениците дека сакаат одреден лек, без разлика дали е соодветен за нивната индицкација.
Во врска со проширувањето на позитивнита листа лекови, Клековски вели дека им се извинува на граѓаните бидејќи иако беше најавено дека до пред Нова година лекот против згрутчување на крвта „еноксапарин“, еден од двата лека популарно познати како „клексан“, ќе го има во аптеките, тоа нема да се случи.
Одложувањето е поради технички причини и затоа во јануари заедно во аптектите ќе бидат достапни и „еноксапарин“ и „надропарин“. Овие лекови може да се користат како продолжено домашно лекување, по амбулантско или болничко лекување.
Овие лекови досега беа на позитивната Б листа и за домашно лекување граѓаните мораа да користат рефундација. Во зависност од дозата, досега ампула „клексан“ чинеше над 200 денари, а се подигнува со извештај од специјалист. Клековски неодамна рече дека сѐ уште не се знае колку ќе чини партипацијата на граѓаните, бидејќи се во преговори со фирмите кои се дистрибутери.
Б. НЕСТОРОСКА



