Собранието денеска го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестиции, еден од носечките економски закони на владата на Зоран Заев. Пред пратениците, законот го претстави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој кажа дека во законот ќе има доволно средства за сите компании кои ги задоволуваат критериумите. Анѓушев рече и дека со мерките предвидени во законот подеднакво ќе се поддржуваат домашните и странските инвеститори.
„Аплицирањето за овие мерки е транспарентно и во согласност со одредени критериуми. Се работи за компании кои задоволуваат два основни критериуми – да имаат пораст на приходите во тековната година во споредба со претходните три години и второ, тие компании да не намалуваат број на вработени, освен во текстилната и кожарската индустрија каде овие критериуми ги олабавивме за да може тие индустрии да бидат опфатени“, рече Анѓушев.
Вицепремиерот кажа дека никој во Владата не е против странските инвеститори, но дека не се согласуваат со начинот на кој претходно се трошени парите за поддржување странски инвеститори.