Сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Рози Мицкоска, учествува на дводневниот самит во Вашингтон организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп, соопшти Владата. На настанот насловен Самит на глобалната коалиција „Негување на иднината заедно“ (Fostering the Future Together Global Coalition Summit) присуствуваат претставници од 45 држави и повеќе од 20 водечки технолошки компании.
Владата соошти дека Мицкоска имала обраќање на работната сесија за безбедноста и заштитата на интернет, каде што „рече дека во Македонија дигиталната писменост мора да започне порано во образовниот процес. Таа вели дека целта е младите критички да ја разбираат технологијата и да ја користат за решавање проблеми од реалниот живот. Како клучен чекор во оваа насока ја посочи програмата за училишта на 21. век, во која веќе се вклучени 341 основно училиште и околу 1.900 наставници во државата“.
Покрај Мицкоска, на самитот учествуваат и сопругата на украинскиот претседател, Олена Зеленска, сопругата на израелскиот премиер, Сара Нетанјаху и сопругата на српскиот претседател, Тамара Вучиќ.
Првата дама на САД Меланија Трамп, како што објави АП го напушти Самитот веднаш по воведното обраќање и ќе ги сретне учесничките на вечера.
Учесниците на самитот го посетија и технолошкиот саем каде најпознатите светски компании ги презентираа своите производи за напредна технологија.
Според официјалната веб страница на Првата дама на САД, иницијативата претставува официјално лансирање на глобална коалиција за помош на децата ширум светот во стекнувањето вештини за иднината, со посебен фокус на заштитата од опасностите во дигиталната сфера. Организаторите велат дека првите дами и сопружниците на шефовите на држави можат да се приклучат кон коалицијата преку јавни обврски за обезбедување напредна технологија за децата, родителите и едукаторите.



