Состојбата со медиумските слободи во Македонија значително се подобри во изминатите три години, но загрижува порастот на нападите врз новинарите, вели британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која заедно со Канада беше домаќин на онлајн настан за слобода на медиумите и моменталните состојби во земјата.
„Задоволна сум што во Северна Македонија состојбата на медиумите е подобрена во споредба со 2017 година. Медиумската клима е генерално погодна за промоција на слободата на изразувањето и овозможува критичко известување, но сѐ уште постојат предизвици. Нападите, особено врз новинарки, се зголемија. Од јануари имало 14 напади врз новинари, во споредба со четири во 2019. Ниеден од нив досега не постигнал судска разврска“, изјави Галовеј.
Таа се обрати и по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите.
„Слободата на медиумите на глобално ниво е во состојба на опаѓање, што само се забрза за време на пандемијата на ковид-19. Новинарите и медиумските организации низ светот се соочуваат со ограничувачки закони и казнени законски мерки. Исто така, новинарите се цел на физичко насилство, вербално вознемирување и убиство, што често пати е неказнето. Последица на ова заплашување е самоцензурата, што е директна пречка за квалитетно новинарство“, изјави Галовеј.
Од оваа причина, лани во Лондон беше основана Коалиција на министри за слобода на медиумите, која брои 37 членки, меѓу кои и Северна Македонија.