СПАСЕН ВИДОТ НА 13-ГОДИШНО МОМЧЕ СО ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА РОЖНИЦА, ПРЕСАДЕНИ УШТЕ 15 ТКИВА НА ОЧНАТА КЛИНИКА

    СПАСЕН ВИДОТ НА 13-ГОДИШНО МОМЧЕ СО ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА РОЖНИЦА, ПРЕСАДЕНИ УШТЕ 15 ТКИВА НА ОЧНАТА КЛИНИКАДиректорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, министерот за здравство Азир Алиу, директорката на Очна клиника д-р Трпевска-Шекеринов и проф.д-р Кузмановска, национална координаторка за трансплантација. (Фото: Министерство за здравство)

    Извршени се 16 трансплатации на рожница (кератопластика) на Клиниката за очни болести во Скопје кај пациенти од 13 до 80 години, кажа денеска директорката д-р Наташа Трпевска-Шекеринов. Интервенциите се спровеле во координација со националната координаторка за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска и  делегација од Универзитетот „Дјук“ од САД предводена од проф. д-р Лојд Вилијамс.

    „​Експертскиот тим заедно со офталмохирурзите од нашата клиника од Одделот за преден сегмент на окото, ги извршија хируршките интервенции. Процесот се реализираше во два паралелни мултидисциплинарни тима кои вклучуваа офталмолози, анестезиолози, медицински сестри инструментарки и останат медицински персонал“, кажа директорката.

    Кај пациентите биле применети три типа хируршки интервенции: ​ДМЕК метода, која била извршена кај тројца пациенти и ДСАЕК метода извршена кај тројца пациенти.  ​Пенетрантна кератопластика била извршена кај десет пациенти.

    „​Кај првите шест пациенти (методите ДМЕК и ДСАЕК) станува збор за најсовремена, минимално инвазивна хируршка техника каде се трансплантира само еден слој од рожницата. Тоа е микрохируршка процедура која бара голема прецизност и се изведува без примена на шевови. Овие процедури за првпат се изведуваат во нашата земја и на Клиниката за очни болести, а генерално се ретки и во регионот. ​Најмладиот пациент кај кого беше извршена пенетрантна кератопластика е момче на 13-годишна возраст, што уште еднаш ја покажува неопходноста од обезбедување навремена и високоспецијализирана здравствена грижа“, кажа д-р Трпевска-Шекеринов.

    За најмладиот пациент, директорката рече дека имал дијагноза кератоконус, видот во моментот му бил загрозен и дека тоа е една состојба во којашто доколку не се направи овој тип на интервенција, ќе има траен губиток, односно може да го изгуби видот.

    „Што значи, навремено беше и поставена и изведена хируршката метода овде. Пациентот е најмладиот досега, и оперативниот и постоперативниот тек се во ред, сега е во стабилна состојба“, додаде д-р Трпевска-Шекеринов.

    Проф. д-р Кузмановска кажа дека соработката почна лани, со нивната прва посета беше во ноември, кога беа трансплантирани девет пациенти.

    „Сакам да ја потенцирам важноста на трансплантационата медицина. Значи трансплантацијата, покрај тоа што спасува живот, гледаме дека и го подобрува квалитетот на живот. Имаме пациенти коишто биле слепи, а сега ги излекуваме од слепило. Меѓутоа, сето тоа е благодарејќи на донирани ткива. И уште еден апел: да негуваме, да ја охрабруваме културата на донација на ткива и органи по смртта. Ако немаме органодорство, и експертизата, и знаењата, и медицинските екипи ќе бидат залудни, а најмногу ќе настрадаат пациентите кои чекаат ткива и органи“, рече националната координаторка.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира