Текстилните работнички кои вчера протестираа пред Основниот суд Кавадарци дека изгубиле спор за неисплатени плати, се изманипулирани, бидејќи нивната адвокатка воопшто не тужела за тоа, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на судот Лазар Нанев.
Иако и Основното јавно обвинителство Кавадарци и Вишото Јавно обвинителство Скопје ги упатувале оштетените работници своите права од работниот однос да ги остваруваат во соодветна граѓанска постапка спрема нивниот работодавец врз основа на воспоставен работен однос, тие никогаш не поднеле тужба против нивниот поранешен газда.
„Со тужбата би барале газдата да биде задолжен да им исплати плати, придонеси од плата, додатоци на плата по повеќе основи, регрес за годишен одмор и други побарувања, и во контрадикторна постапка би ја докажале висината и основот на своите парични побарувања од работен однос спрема поранешниот работодавец”, вели Нанев.
Адвокатката воопшто не повела постапка за работен спор, туку за „Побивање должникови правни дејствија”.
Адвокатката требало да им каже на изманипулираните работници кои протестираа вчера дека и починатата работничка за која на протестот се тврдеше дека наводно истиот спор за неисплатени плати го добила и пред Апелациониот суд Скопје, бил за друго, а не за неисплатените плати. Таа добила спор за неисплатена отпремнина.
Сумата од 20 илјади евра што треба да ја платат за судски трошоци овие работнички што изгубија спор што не бил за плати, е толку висока, затоа што адвокатката во тужбата ги навела сите 69 тужители. Автоматски, вака со повеќе тужители, поголеми се и судските трошоци, вели судот, кој и тука гледа манипулација од адвокатката.
Во Основниот суд Кавадарци на 19.06.2021 година бил заведен предмет по тужба на 69 тужители преку полномошник (адвокатката), против две тужени правни лица: „Друштво за производство, услуги и трговија СО-НИ ДООЕЛ Кавадарци” и „Друштво за производство, трговија и услуги БИСТРИЦА ДОО с. Мајден Кавадарци” со седиште во село Мајден, Кавадарци, за „Побивање на должникови правни дејствија”. Вредноста на спорот што била означена, е 20.657.588,00 денари.
Главната расправа во предметот била заклучена на 10.02.2023, а на 20.02.2023 година била донесена и објавена пресуда со која тужбеното барање на тужителите (69-те работници) било одбиено како неосновано. Наведени биле сите причини за одбивањето.
„Во конкретниот случај воопшто не се работи за работен спор за надомест на плати, поради што вработените се доведени во заблуда и измамени, а со тоа и погрешно е известена јавноста. Тужителите истакнале и посебен предлог за издавање на привремена мерка кој што бил заведен во судот под работен број П4.бр.22/21 кој што со решение од 30.11.2021 година е одбиен како неоснован”, објаснува Кавадаречкиот суд.
Тужителите против решението на судот вложиле жалба, а Апелационен Суд Скопје одлучувајќи во жалбена постапка донел решение ГЖ.бр.4878/21 од 18.02.2022 година со кое ја одбил жалбата на тужителите, а го потврдил решението донесено од првостепениот суд.
Тоа била причината за вчерашниот протест, за кој работниците, според Судот, мислеле дека е загубен спор за плати.
На поднесувањето на оваа тужба претходела предистражната постапка во ОЈО Кавадарци по поднесени кривични пријави од истите тужители и со решение II КО.бр.104/20 од 10.05.2021 година ОЈО Кавадарци ги отфрлило, а одлуката ја потврдило и Вишото скопско обвинителство.
Сепак, и да биле изманипулирани 69-те работници кои мислеле дека тужат за неисплатени плати, проблемот им останува без решение, зашто во меѓувреме настапила застареност за таква тужба.
Најголемиот проблем можеби е во тоа што државата, Финансиската полиција пред сè, дозволуваат и натаму со згаснување на отворање на нови фирми, од старите да ги испумпаат само парите и опремата, а долговите кон работниците за плати и друго, како и кон доверителите, да останат на контото на старите фирми оставени без средства.
Поранешните работнички на текстилна фабрика од Кавадарци очекуваа да добијат по 130 илјади денари за три неисплатени плати и придонеси.
Тие вчера протестираа и велат дека правниот систем не ги штити
„Текстилната фабрика каде работевме пропадна од недомаќинското работење, од презадолжување во банките и инвестициите во фабриката за флаширање на минерална вода, а обврските се плаќаа од вработените во текстилната, кредити, побарувања, обврските спрема банките, камати. Се кратеше од платите на овие жени, работеа без здравствено осигурување, немаше за плати“, кажа Зора Мантева, сметководителка во поранешната текстилна фабрика.
С. К. ДЕЛЕВСКА