Спотот снимен за 7 Мај – Денот на македонската полиција, во кој учествуваа 80-тина возила на МВР и стотина полицајци, чини 300 евра, кажа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев по денешната свечена церемонија во полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
„Спотот не кошта драматична сума, со договор за дело е направен и од страна на МВР ќе бидат исплатени во денарска противвредност 300 евра, што е симболична сума во однос на она што е направено и ефектот кој што го има спотот во однос на моралот на полициските службеници, но и во однос на промовирањето на МВР“, изјави Чулев, одговарајќи на новинарско прашање по говорот.
На церемонијата во Ѓорче Петров пред раководството на МВР, дел од вработените, семејствата на бранителите и претставници на дипломатскиот кор, покрај обраќањето на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, имаше и неколку показни вежби од страна на единиците на МВР.