Професорите Трајче Стафилов, Ванчо Спиров и Јасна Котеска се добитници на државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката во 2016 година.
Стафилов ја доби наградата заедно со словенечкиот геолог Роберт Шајн за Геохемискиот атлас на Република Македонија, Спиров за делото „Форензичка ДНК анализа на забите“, и Котеска за делото „Киркегард за консумеризмот (етичко, естетско и религиозно читање)“.
Годинава, место во Собранието, како што е традиција, доделувањето на наградите се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Стафилов, кој е професор на ПМФ, се обрати во име на тројцата добитници на наградите и се пожали на недоволна поддршка за научниците во земјава.
„За жал, поддршката на научните работници во Република Македонија е недоволна. Не може да очекуваме големи научни достигнувања во Република Македонија ако за подолг период не се финансираат национални научно-истражувачки проекти, ако не се стипендират наши талентирани млади истражувачи кои сакаат своето научно издигнување да го реализираат во земјата“, рече Стафилов.