СТАРИТЕ И НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ЌЕ ГИ НАДМИНЕТЕ СО НАША ПОМОШ, КАЖА НОВАТА АМЕРИКАНСКА АМБАСАДОРКА ПРАЈС АГЕЛЕР КАЈ ПЕНДАРОВСКИ

    СТАРИТЕ И НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ЌЕ ГИ НАДМИНЕТЕ СО НАША ПОМОШ, КАЖА НОВАТА АМЕРИКАНСКА АМБАСАДОРКА ПРАЈС АГЕЛЕР КАЈ ПЕНДАРОВСКИПретседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави Анџела Прајс Агелер. (Фото: СДК.МК)

    Новата американската амбасадорка во Скопје Анџела Прајс Агелер денеска во Вила Водно му ги предаде акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски. Во обраќањето на церемонијата, таа му вети на Пендаровски дека САД, Амбасадата на САД и таа лично ќе сторат сè што е во нивна моќ да им помогнат на македонските граѓани да ги надминат сите стари и нови предизвици.

    „Иднината е навистина светла, и покрај тоа што земјата се соочува со стари и со нови предизвици. Господине Претседател, денес сум овде да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици. Соединетите Американски Држави, Амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици. Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани“, кажа амбасадорката.

    Амбасадорката потсети дека Европа во моментов се соочува со најголемата закана, каква што не е видена со генерации и додаде дека Северна Македонија, како сигурен, активен сојузник во НАТО, придонесува за безбедноста и стабилноста во Европа.

    „Повеќе од 30 години работиме заедно за да го обезбедиме заслуженото место на Северна Македонија во поголемата европска заедница, преку поддржување на основните вредности на една просперитетна демократија – почитување на владеење на правото, еднакви можности за правда, економски раст и лично изразување, како и преку посветеност кон постигнувањето на овие цели отворено и транспарентно“, вели Прајс Агелер.

    Таа веќе има работено во Американската амбасадата во Скопје од 2011 до 2014 година, кога беше задолжена за односи со јавноста.

    „Во периодот, откако последен пат бев тука, Северна Македонија се соочи со големи предизвици и донесе тешки одлуки, одлуки што ја поместија земјата понапред на патот на евроатлантските интеграции. Оваа земја го промени своето име за да стане 30-тата членка на НАТО Алијансата – нашиот најнов сојузник. Ги отвори пристапните преговори за членство во Европската Унија, зацврстувајќи ја својата позиција како лидер во градењето на безбедноста и просперитетот на Западен Балкан. Вашето претстојно претседавање со ОБСЕ во 2023, ја покажува клучната улога што земјата ја игра за иднината на Европа“, кажа денеска амбасадорката.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира