СТИПЕНДИИ И ЗА УЧЕНИЦИ КОИ ЌЕ СЕ ЗАПИШАТ ВО СТРУЧНИ УЧИЛИШТА И ДЕФИЦИТАРНИ СТРУКИ

    СТИПЕНДИИ И ЗА УЧЕНИЦИ КОИ ЌЕ СЕ ЗАПИШАТ ВО СТРУЧНИ УЧИЛИШТА И ДЕФИЦИТАРНИ СТРУКИДенеска Министерството за образование ги објавени конкурсите за ученички и студентски стипендии за учебната 2021-2022 година. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за образование од оваа учебна година воведува стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки, дефицитарни струки и стручни училишта. Од Министерството велат дека со воведување на новите категории на стипендии се поттикнуваат учениците средното образование да го продолжат во стручни училишта.

    Денеска Министерството ги објави конкурсите за доделување на ученички и студентски стипендии за учебната, односно студиска 2021-2022 година. Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање заради остварување на правото на користење на соодветната стипендија.

    „Министерството и Владата оваа година одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање ученици и студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес. Па така, за најголем дел од категориите на ученички стипендии кои се доделуваа и досега, месечните износи се зголемени за околу 60 проценти, а воедно воведени се и нови категории, од кои, позначајни се оние за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки, во дефицитарни струки или пак во тригодишно средно стручно образование. Исто така, зголемени се и месечните износи на поголем дел од студентските стипендии, некои од нив и за над 80%“, велат од Министерството за образование.

    Од оваа година, постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото.  Учениците и студентите кои немаат можност да аплицираат електронски, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира