Еврокомесарката за проширување Марта Кос се понуди да биде олеснувач во спорот меѓу Македонија и Бугарија, но потенцираше дека земјава мора да го промени Уставот за да земјава ги почне пристапните преговорите со Европската унија. Кос ова го изјави денеска во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.
„Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач ако е потребно. Ако можам да помогнам, тогаш сум подготвена да седам 24 часа. Колку и да е потребно, за да се дојде до решение. И да, Северна Македонија мора да го промени Уставот и тогаш ќе продолжиме со процесот на пристапување. Така што, да, тоа е тешка работа, но верувам дека сите ќе придонесете за тоа“, рече Кос.
Во текот на дебатата, известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, рече дека е јасно оти мора да се извршат уставните измени за да може државата да ги почне преговорите за членство, но мора да се има предвид и дека Македонија веќе 20 години чека на старт на преговарачкиот процес и спроведе значителни реформи во усогласувањето на своето со европското законодавство.
Тој ја праша Кос колку е посветена на прашањето на помирувањето во регионот и на добрососедските односи, во услови кога постојат проблеми во односите како во некои од самите земји од Западниот Балкан?
„Има многу прашања што треба да се решаваат, кога станува збор за идентитетот, за историјата, всушност за помирување со надминување на споровите од минатото. Ние тоа го направивме во Европската унија. Да се признае лошото што се правело во минатото, но и заедно да се инвестира во меѓусебните односи. Мислам дека тоа е она на што треба посебно да се фокусираме“, додаде Вајц.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во врска со Предлог-извештајот на Вајц, по кој Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) треба да се изјасни утре, 4 јуни, рече дека во текот на вчерашниот ден биле остварени голем број телефонски разговори, но не прецизираше дали има информации од сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ во врска со утрешното гласање во рамки на АФЕТ.
„Заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и други владини претставници остваривме голем број на телефонски разговори, но, да почекаме да дојде утрешниот ден“, рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за растот на бруто-домашниот производ во првиот квартал од годинава.