СТУДЕНТИ НЕМА ДА СЕ ЗАПИШУВААТ НА СТОМАТОЛОГИЈА ДОДЕКА РЕКТОРОТ НЕ ГО ПРИЗНАЕ ДЕКАНОТ ШТО СИ ГО ИЗБРАА ПРОФЕСОРИТЕ

    СТУДЕНТИ НЕМА ДА СЕ ЗАПИШУВААТ НА СТОМАТОЛОГИЈА ДОДЕКА РЕКТОРОТ НЕ ГО ПРИЗНАЕ ДЕКАНОТ ШТО СИ ГО ИЗБРАА ПРОФЕСОРИТЕНеколку професори барале средба со ректорот проф. Јанкуловски, за да се реши проблемот, но досега не одговорил на нивното барање. - Ректорот Никола Јанкуловски

    Уписот на студенти на Стоматолошки факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ е доведен во прашање, бидејќи мнозинството членови на наставно-научниот совет на оваа високо образовна установа одлучи да не учествува во работата на нејзините органи и тела. Проф. Силвана Георгиева од Стоматолошкиот факултет рече дека одлучиле да не учествуваат во работата на органите и телата на факултетот, бидејќи сега со него раководи незаконски назначена в.д. деканка проф.Мирјана Поповска. „Продолжуваме да ги извршуваме нашите педагошки активности предавања, консултации испити, сè што е во интерес на студентите. Но, со оваа наша одлука спорен станува уписот на студентите, за кој треба да донесе одлука наставно-научниот совет“, рече проф. Георгиева.

    Таа објасни додаде дека на ректорот на Универзитетот, проф. Никола Јанкуловски му укажале за незаконското, нестатутарно и неетичко постапување и за грубото погазување на автономијата на факултетот во однос на изборот на проф. Киро Ивановски за декан на Стоматолошкиот факултет.
    „Изборот на проф. Ивановски со мнозинство гласови го утврдивме на 12 декември лани. Досега од ректорот не е потврдена нашата волја. Решението за назначување на в.д. декан на Стоматологија стигна на 2 мај, или пет месеци по нашата одлука за избор на декан. Официјално известување дека нашиот факултет има в.д. декан немаме, тоа случајно го открив во архива, каде бев појдена по друга работа. Така ја дознавме вистината дека Стоматологија има в.д. декан. Факултетот сега не функционира, оти не е свикана факултетска управа, не е свикан наставно-научен совет“, рече проф. Георгиева.

    Неколку професори барале средба со ректорот проф. Јанкуловски, за да се реши проблемот, но досега не одговорил на нивното барање. Тие уште еднаш го повикаа да ја преиспита својата одлука и да го избере проф. Киро Ивановски за декан, за да функционира факултетот нормално.

    „Со преиспитување на одлуката ќе ни ја врати автономијата, односно ќе го почитува нашето право на глас“, рече проф. Георгиева.

    Проф. Ивановски рече дека ректорот проф. Јанкуловски го повикал на средба, шест месеци по неговиот избор за декан.
    „Средбата беше во академски дух, но ниедна од причините што ги наведе ректорот зошто не го потврдува мојот избор за декан не е содржана во статутот на Универзитетот. Досега немам добиено никакво писмено известување“, рече проф. Ивановски.
    Проф.Киро Ивановски беше дел од професорскиот пленум.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира