Во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје два дена нема струја, а од претходно нема и парно греење, се пожалија студенти кои престојуваат таму. Студентите се жалат дека се принудени на свеќи да ги поминуваат ноќите во период кога надвор температурата е минус 20 степени целзиусови.
„Веќе неколку дена немаме парно, веќе два цели дена немаме струја, а претходно неколку часа има, па повторно ја гасат. Се уште не е решен проблемот. Од управата велат дека проблемот не бил до нив, туку во ЕВН, а некои од студентите добиле информации дека нема проблем во ЕВН, проблемот бил во студентскиот дом. Ние студентите на минус 20 степени вечерта ја поминуваме на свеќи, а ни рекоа дека проблемот би требало да се реши до понеделник“, вели студентка, која сака да остане анонимна од страв да не остане без место во домот догодина.
Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, кој се наоѓа во центарот на Скопје, е со капацитет од околу 500 легла.