СУДИЈА, ВО МАРТ Е ЕКОТ НА ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА, НЕ ЗАКАЖУВАЈТЕ СУДЕЊЕ ТОГАШ, ПОБАРА ОБВИНЕТИОТ КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ВО „ТАЛИР 2“

    СУДИЈА, ВО МАРТ Е ЕКОТ НА ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА, НЕ ЗАКАЖУВАЈТЕ СУДЕЊЕ ТОГАШ, ПОБАРА ОБВИНЕТИОТ КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ВО „ТАЛИР 2“На судењето Божиновски доаѓа сам, сообвинетиот Груевски ужива политички азил во Унгарија. - Кирил Божиновски пристигнува во Кривичниот суд (Фото: К. Попов)

    Обвинетиот поранешен генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, за незаконската градба на палатата на ВМРО-ДПМНЕ, на денешното рочиште „Талир 2“, кај што е обвинет и избеганиот експремиер Никола Груевски, побара од судијката Даниела Алексовска – Стојановска побара да не закажува термин во март.

    „Судија, ако може да не закажувате тогаш, оти изборната кампања ќе биде почната и во полн ек“, рече обвинетиот Божиновски.

    „Тоа нема врска со работата на судот, ние овде судиме непристрасно и работата на судот не е врзана со политички кампањи“, кажа судијката.

    „Но, тоа може да ѝ наштети на партијата“, рече Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека новинарите можат да го злоупотребат судењето во кампањата.

    „Партијата ВМРО-ДПМНЕ не е обвинета во овој случај“, рече Алексовска – Стојановска и даде неколку наредни термини за судење.

    Овој предмет е во фаза на доказна постапка. На судењето Божиновски доаѓа сам, сообвинетиот Груевски ужива политички азил во Унгарија. За разлика од „Талир 1“, кој е за незаконско финансирање со 4.6 милиони евра на ВМРО-ДПМНЕ и цела година тапка на почеток и не почнува, „Талир 2“ тргна.

    Груевски како тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и Божиновски се обвинети дека злоупотребувајќи ја службената положба, овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

    Во случајот „Талир 1″ за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, која призна вина и доби условна затворска казна. Тие незаконски прибрале најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на разни луѓе.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира