Судијата Ељведин Ферати од Основниот суд во Тетово, кој денеска на повтореното судење му досуди казна од само 2 години затвор на Менсур Пајазити што на пешачки премин ја смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска, си ги поправал оценките со пречкртување на Тетовскиот Универзитет. На седницата од 27 декември 2023, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кажа дека Државниот инспекторат при надзорот во Тетовскиот универзитет утврдил оти во Матичната книга на Катедрата по право, кај Ферати имало поправено три оценки со пречкртување.
„Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство“, кажа тогашната претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Надзорот беше откако беше утврдено дека судијата Ељведин Ферати од Основниот суд Тетово, дипломиран во шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, се пријавил на тогашниот оглас со оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88. Ова го открил Државниот просветен инспекторат, кој по налог на ДКСК, ја проверил документацијата на сите досегашни кандидати кои биле примени и дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители. Ферати во 2020 година е избран за судија.
Лани во септември, за судијата Ферати беше отворена предистрага, која ја води Скопското јавно обвинителство.
„ОЈО Скопје постапува по доставено известување од Државниот просветен инспекторат и презема дејствија во предистражна постапка со цел да ги испита сите околности“, ни изјави тогаш Обвинителството.
Судскиот совет тогаш рече дека го чека исходот од оваа постапка и засега нема отворено предмет за судијата. Ферати низ годините работел како стручен соработник во Тетовскиот основен суд.
Менсур Пајазити, роден 1973, беше денеска огласен за виновен за кривично делото Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за смртта на Ристовска. Тој првин беше осуден на три години затвор, а по неговата жалба казната му беше намалена на две години затвор. Апелација ја поништи оваа одлука и случајот го врати на повторено судење. По неколку одложувања, денеска почна рочиштето на кое судијата Ељведин Ферати веднаш ја изрече казната две години затвор за стореното дело.
„Виновен е затоа што на 15.08.2022 година во Тетово, како учесник во сообраќајот не се придржувал до прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Управувал возило ‘бмв’ и се движел по булевар со брзина од 59 километри на час, која брзина не е прилагодена на условите на патот за да може навремено да го запре возилото, при што не му отстапил првенство на минување на пешакот, сега покојната Теодора Ристовска, која поминувала на обележан пешачки премин“, наведе судијата Ељведин Ферати при читањето на пресудата.
Првото судење го водеше судијката Верка Костовска, која во ноември 2024 заминала во пензија. Повторното судење започна на 4 март 2025, со судијата Ељведин Ферати.
Одлуката на судот предизвика гнев и неверување кај членовите на семејството на Ристовска.
„Колку вреди животот во Македонија? Колку вреди животот на сестра ми, дали животот некој може да ѝ го врати. Дали нејзината младост може некој да ја врати? Мојата младост дали може некој да ја врати? Мојата душа дали може некој да ја врати? Две години го осудија што уби човек. Колку вреди животот во Македонија дали некој ќе ми објасни, колку вреди животот на сестра ми? Со две години ние треба да бидеме задоволни? Он мора да ја добие максималната законска казна од 5 години за да веруваме дека има правда“, низ солзи зборуваше сестрата на Теодора, Ева Ристовска.
Таткото на Теодора кога ја слушна пресудата крајно револтиран истрча од судницата.
„Згаден сум од оваа држава, што да очекувам од оваа држава, плачам за правда, правда нема. Нема никогаш да има правда во оваа држава. Готово, оваа држава отиде. Младите бегаат и ние постарите ќе бегаме. Ова не е држава“, сиот растревожен низ солзи зборуваше Круме Ристовски.
Теодора Ристовска во август 2022, кога минувала на пешачки премин, била прегазена од автомобил со која управувал Менсур Пајазити. Веднаш била префрлена во болница во Скопје, но по неколку дена почина од повредите. По сообраќајната несреќа на првото судење, во ноември 2023, Пајазити ја призна вината и беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, а Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Право на жалба има Обвинителството, а семејството како оштетена страна, има право само за имотно-правно побарување.
С. К. ДЕЛЕВСКА