Судијката Добрила Кацарска, која го води големиот судски процес до 33-ца обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, утринава ги предупреди обвинетите да не им се јавуваат на сведоците што да кажат во сведочењата. За притисоците најверојатно ја информирале сведоци пред да дојдат во судот.
Телефони немаат само обвинетите кои се во притвор во затворот во Шутка. Останатите кои се бранат од слобода и оние кои се во куќен притвор, може да вршат притисок врз сведоци.
Додека сведочеше денеска првиот сведок Влатко Наумовски, кој во 2017 бил помошник командант во Единицата за брзо распоредување. Кацарска го прекина за момент неговиот исказ и го предупреди обвинетиот Борис Дамовски, кој беше спроведен од куќен притвор:
„Обвинет Борис Дамовски, повеќе пати ве предупредив дека го пореметувате судењето и се однесувате арогантно кон судот, но и во комуникацијата со другите обвинети. Немојте да мислите дека само ќе ве отстранам од судницата, туку и ќе ве вратам“, му рече Кацарска.
Пред да му биде преиначена во куќен, Дамовски беше во притвор во Шутка, а Кацарска како претседател на советот може да го врати назад во притвор.
Наумовски рече дека кога влегла толпата, тој бил слободен и бил во кафеана. Имал комуникација со обвинетиот тогашен директор на Јавна безбедност Митко Чавков, кој барал да го информира што се случува. Претходно сведокот Агим Нухиу, тогашен министер за внатрешни работи, сведочеше дека нему Чавков не му одговарал на мобилен телефон, додека Собранието беше нападнато, а пратеници, собраниска полиција, новинари и вработени во Собранието беа претепувани и во животна опасност. Сведокот рече дека Чавков му рекол да одговори со сите расположливи сили во Собранието.
Резултатот од барањето на Чавков кој ја имал златната команда во штабот за интервенција при загрозена безбедност на Собранието на 27 април лани, беше еден обид за убиство со тешко повреден пратеник, многумина други тешко повредени пратеници и полицајци, психичка траума и тортура во траење од 2 часа поради неинтервенирање на полицијата да се расчисти нападот и да се спасат луѓето од внатре, искршено Собрание.
С. К. ДЕЛЕВСКА