Врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова им укажа на колегите од Судскиот совет дека работат нетранспарентно, што е недозволиво за институцијата, во образложението на оставката на денешната седница. Радевска-Стефкова и апелациониот судија Зоран Герасимовски завчера поднесоа оставки како членови на Судскиот совет и откако денеска Советот едногласно ги прифати, тие се враќаат во судовите од каде што дојдоа на функциите во ова највисоко судско тело.
Радевска-Стефкова во образложението на оставката наведе неколку примери кога таа не се согласувала со заземените ставови и одлуки на Судскиот совет за неполна година, колку што беше член.
„Прво, одбивањето на Судскиот совет да ги достави списите до Врховниот суд по изјавени жалби од разрешени судии од Советот. Потоа, првите постапки кои што беа водени од Судскиот совет во однос на избор на судии во повисок суд, како што беше изборот на судии во Апелационен суд гостивар и избор на судии во Врховниот суд од кривичната област“, кажа таа.
Нејзе ѝ пречи тоа што без образложение Советот не избра судии во највисокиот суд од кривичната област, како и тоа што избра судии во Апелациониот суд Гостивар со непочитување на ранг-листата. Врховната судијка се наврати и на разрешувањето на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева минатиот месец.
„Потоа следеше седницата од 26.4.2023, кога дојде до разрешување на тогашниот претседател на Судскиот совет, што според мене како одлука е незаконита. Тоа беше разгледувано на работните состаноци и седници во наредниот период на кои што таа одлука се стави вон сила, меѓутоа и таа одлука беше донесена без образложение“, додаде Радевска-Стефкова.
Како причина за оставката, таа ја наведе состојбата со нарушени меѓучовечки односи како пречка за „едно нормално функционирање и остварување на функциите на Судскиот совет“.