СУДСКО-МЕДИУМСКИОТ СОВЕТ ГО ИЗБРА ИВАН ЏОЛЕВ ОД КРИВИЧНИОТ СУД ЗА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ГРАЃАНСКАТА КОНТРОЛА НАД СУДЕЊАТА УШТЕ ТРЕБА ДА РАСТЕ

    СУДСКО-МЕДИУМСКИОТ СОВЕТ ГО ИЗБРА ИВАН ЏОЛЕВ ОД КРИВИЧНИОТ СУД ЗА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ГРАЃАНСКАТА КОНТРОЛА НАД СУДЕЊАТА УШТЕ ТРЕБА ДА РАСТЕ„Ние на некој начин воспоставивме и нов систем на граѓанска контрола на судското постапување, но и на владеење на правото“, рече новиот претседател Џолев. (Фото: К. Попов)

    Судско-медиумскиот совет (СМС) го избра новото раководство за следните две години, на чело со претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев. Потпретседател е новинарката Христина Беловска од ТВ 24.

    Целта на мешаниот совет од 8 новинари и 7 судии во третата година од постоењето, е уште повеќе да се подигне степенот на отвореност на судовите и судиите за информации од судските постапки, особено за оние за кои домашната јавност и странските претставници се особено заинтересирани, поголема медиумска застапеност на судењата од внатрешноста, полесна достапност до документите од судските папки.

    „Под влијание на СМС, судиите и новинарите почнаа повеќе да комуницираат, почна да се развива меѓусебна доверба, размена на информации, се надополнувавме, но и се критикувавме едни со други, а бенефитот од сето ова го имаа граѓаните кои добиваа навремени, точни информации. На овој начин директно, но и индиректно влијаевме и во зајакнувањето на демократските капацитети. Ние на некој начин воспоставивме и нов систем на граѓанска контрола на судското постапување, но и на владеење на правото“, рече новиот претседател Џолев, кој доаѓа по систем на ротација, откако претседател беше новинарката Гордана Дувњак од „Фокус“.

    „Ако на новинарите им е забранет пристапот до судница или увидот во судски документи, автоматски и граѓаните ќе немаат можност да видат како некој е осуден и дали се применуваат законите без привилегии и дискриминација. Затоа ние судските известувачи се залагаме преку СМС да се променат работите. Изминатиот мандат, издејствувавме пресудите во Кривичниот суд да се снимаат целосно и да се стримаат на Фејсбук и во живо“, кажа Беловска.

    Судско-медиумскиот совет се формираше за првпат во Република Северна Македонија и во Европа во септември 2018 година, по претходни искуства на само две вакви советодавни тела во Соединетите Американски Држави.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира