Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека изградбата на автопатот кон Грција е во застој поради некомплетна документација и апелираше до МЕПСО и Јавното претпријатие за државни патишта да достават комплетна документација до неговото министерство за да може автопатот да биде пуштен во употреба.
„Апелирам и до ЈП за државни патишта и до МЕПСО да достават комплетна документација до Министерството за транспорт и врски со цел побргу да се постапи по нив со што ќе биде изграден контролниот центар и ќе биде дислоциран 400-киловолтниот далновод од МЕПСО, а со крајна цел да биде пуштен во употреба автопатот Демир Капија-Смоквица”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција.
Како што кажа министерот, станува збор за изградба на контролниот центар во Неготино каде што ЈП за државни патишта има поднесено некомплетна документација и за дислокација на 400-киловолтниот далновод од МЕПСО, кој што преку комплетна документација преку ЈПДП требало да биде доставено до Министерството за транспорт и врски со цел да се издаде одобрение за дислокација.
Тој очекува автопатот да биде пуштен во употреба до 10 декември ако, како што кажа, двете институции ги достават документите.