Трајче Димишковски сведочи дека агенцијата „Рубикон секјурити солушнс” ја обезбедувала импровизираната дискотека „Пулс”, чие обезбедување дозволило да се преполни објектот на 18 март 2025 година без мерка, пуштило толку многу малолетници и деца, дозволило употреба на пиротехника која немала дозвола од полицијата, не направило кордони за време на несреќата и не организирало евакуација, работело без униформи и ознаки…
Денеска се мереше секоја негова буква и збор, зашто тој го сменил исказот од истрагата и сега во ниеден момент не ја спомна улогата на Александар Нацев во „Рубикон”.
„Работев како обезбедување во училишта, а постојано вработување имам во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации како возач. Го познавам лицето Александар Нацев од 2008 година, од Дирекцијата каде што работевме заедно. Се познавам и со обвинетиот Јане Начевски, сопственикот на ‘Рубикон’, комшии се со Нацев”, кажа на почетокот овој сведок на Обвинителството.
Имаше растреперен глас за време на целото сведочење.
Според обвинението, Нацев е вистинскиот сопственик на „Рубикон”, која го обезбедуваше „Пулс”, а Начевски е сопственик на хартија.
Кажа дека бил ангажиран на концерти и во дискотеката „Мираж” во Струмица.
Прашан дали имал контакти со Нацев, сведокот кажа дека барал совети и помош за работата околу изготвувањето на платите, бидејќи бил професор и ги знаел законите. По 18 март, сведокот Трајче бил овластен од „Рубикон” да ги прави/носи платите за вработените. Готови вирмани носел во банка за само да се пушти платата.
Сведочењето на Трајче се прекина и ќе продолжи в четврток, кога ќе се чита што кажал пред обвинителите по трагедијата која однесе 63 млади животи.
Претходно сведочеше сметководителката Кристина Коневска. На прашање дали имала соработка со агенцијата „Рубикон”, рече дека се познаници со сопственикот Јане Јанчевски и оти во Прилеп, од каде што е таа, има поевтина работна сила за сметководство, па таму го водел уште од основањето на „Рубикон”.
На прашање дали го познава Александар Нацев, рече дека бил вработен во агенцијата и неколкупати се слушнале за одредени обврски.
На прашање на ЈО дали комуницирале преку службен мејл, потврди и рече дека како вработен во агенцијата им испраќал фактури.
„Дали Нацев ви давал насоки на која фирма колкав износ да ѝ се наплати и за плата на вработените?”, прашаа обвинителите.
„На минимална плата беа секогаш вработените”, кажа таа.
Додаде дека никогаш не била во седиштето на агенцијата „Рубикон” во Скопје.
На прашање дали го познава Трајче Димишковски, негираше.
На следно прашање, кој го презел работењето на правното лице по пожарот, адвокатот приговори дека е ирелевантно, но судијата го прифати приговорот.
На прашање, пак, дали Нацев бил во бирото во Прилеп, рече дека бил еднаш и донел документи.
ЈО праша дали во материјалното работење некогаш видела фактура за „МММ Кафе“ ДООЕЛ, односно за „Пулс“, Кристина рече:„Не“, а одговори дека таа лично не видела документ дека помеѓу „Рубикон” и „Пулс” имало деловна соработка.
ЈО праша со кое лице од „Пулс” комуницирале после пожарот, адвокатот пак приговори, а судијката го прифати приговорот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



