Во извештајот на Светската банка (СБ) за состојбата на јавните финансии во Македонија се препорачува зголемување на неколку даночни стапки, вклучувајќи ги и данокот на имот и данокот на капитална добивка, но и воведување нова давачка, како данок на зашеќерени пијалоци.
„Зголемувањето на даночната стапка на капитална добивка од 10 на 15 отсто би ги зголемила прогресивноста и вертикалната еднаквост на даночниот систем. Таква реформа би била во согласност со принципот индивидуалците со поголемо богатство да придонесуваат пропорционално повеќе“, се вели во извештајот презентиран вчера.
Со данокот на капитална добивка се опфатени физички лица кои остваруваат добивка од продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот.
Во извештајот е наведено дека резултатите од микросимулацијата откриваат дека зголемувањето на даночната стапка од 10 на 15 отсто на сите приходи од капитал би ги зголемила приходите од данокот на личен доход (ПДД) за 0,14 отсто од бруто домашниот производ (БДП) во 2025 година.
„Најпогодена група даночни обврзници од ова зголемување би биле оние топ 1 процент, чија што даночна изложеност би се зголемила за 17 отсто“, се вели во извештајот.
Според СБ, земјата исто така треба да размислува за воведување данок на зашеќерени пијалоци во линија со регионалните и глобалните трендови. На почеток, се препорачува оданочување по волумен, за подоцна да се премине на оданочување според количината на шеќер.
„Симулациите покажуваат дека воведување данок од 6 денари по литар би донело дополнителни приходи од 0,1 отсто од БДП. Ваквиот данок би ги зголемил цените на оданочените газирани и овошни сокови за околу 14 отсто, но исто така би поттикнало промена на навиките на потрошувачите насочени кон поздрави опции. Се очекува намалување на продажбата на оданочените пијалоци за 4,4 отсто, додека продажбата на неоданочените пијалоци би се зголемила за 5,6 отсто. Вкупно, продажбата би се зголемила за 0,1 отсто. Ова покажува дека намалувањето на продажбата на оданочените пијалоци и намалените даночни приходи нема значително да ја засегне економијата, бидејќи луѓето ќе користат поздрави пијалоци“, се вели во извештајот.
Зголемување, според СБ, би требало да има и кај даноците собирани од локалните власти, пред сè данокот на имот. Просечно, приходот од данок на имот е околу 0,5 отсто од БДП.
„За да се зголеми приходот од овие локални даноци, владата треба да размисли за зголемување на даночната стапка за повредните имоти или намалување на ослободувањата од ПДД за капитална добивка од недвижности“, препорачува СБ.
СБ препорачува и зголемување на стапката на ДДВ од сегашните 18 на 19 проценти и отстранување на повластената стапка, освен за основните производи.