ТАЈНИТЕ НА ВИЛАТА НА ЛАЗО НА ПЕЛИСТЕР

    ТАЈНИТЕ НА ВИЛАТА НА ЛАЗО НА ПЕЛИСТЕРОд вила на социјалистичките лидери, објектот денес е претворен во информативен центар на Националниот парк „Пелистер“ и збиралиште на планинари

    Фамозната „Вила на Лазо“ не ја однесоа ни временските неприлики на Пелистер, ни политичките бури во земјава. Објектот граден од цврст материјал од пелистерските камени реки опстои 68 години и само ја промени функцијата од вила на социјалистичките лидери во информативен центар на Националниот парк. Во неа престојувале Лазар Колишевски, Едвард и Пепца Кардељ, Киро Глигоров, Вељко Кадиевиќ и други видни политичари од социјализмот.

    „Ја викаа Вилата на Лазо, бидејќи Колишевски, првиот претседател на Владата на Демократска Федеративна Македонија, престојуваше во неа“, вели битолчанецот Јосиф Атанасовски, кој 25 години работел како домар на вилата, а денес е пензионер.

    Колишевски се лекувал, а Пепца Кардељ пиела варена кисела вода

    „Како што ми кажуваа постарите домари, во 50-ите години од минатиот век Лазар Колишевски (1914-2000) оболел од белодробна болест, па му препорачале да дојде на Пелистер како воздушна бања. Откако јас дојдов да ја одржувам вилата во 1978 година, македонскиот комунистички лидер тука престојуваше двапати. Во тој официјален протокол, успевав само да се поздравам со него како домаќин на вилата, а потоа се одржуваа состаноци. Во вилата имаше прикачени фотографии како руча со важни делегации и од состаноци со видни личности на Пелистер“, раскажува Атанасовски.

    Јосиф Атанасовски 25 години работеше како домар во Вилата на Лазо, каде што бил сведок на различни, па и несекојдневни желби и навики на гостите

    Тој бил сведок на различни желби и навики на гостите, понекогаш и несекојдневни. Имал можност да се запознае и со Пепца Кардељ, жената на најмоќниот словенечки политичар и народен херој Едвард Кардељ. И таа во војната била партизанка, а по ослободувањето, добила чин на резервен потполковник во ЈНА. На Пелистер имала навика да пие варена кисела (газирана) вода.

    „Дојде во Битола да ја пресече црвената лента, кога ја пуштаа во употреба асфалтираната улица што го носеше името на нејзиниот сопруг. Беше сместена на Пелистер. Таа побара да ѝ сварам кисела вода. Мислев да не се шегува. Но, во нејзина придружба беше Васка Дуганова, познатата политичарка од тоа време. Да, ми рече таа, ќе ѝ свариш обична кисела вода, друго ништо не сака“, се присети домарот.

    Тука било одлучено ЈНА мирно да се повлече

    Сите Македонци знаат дека по распадот на Југославија, ЈНА мирно, без конфликти, се повлече од Македонија. Но, малкумина знаат дека тогашниот македонски претседател Киро Глигоров ги издејствувал таквите чекори, преговарајќи со високи воени лица токму во Вилата на Лазо.

    „Во 1991 година, кога настана конфликтот во поранешна Југославија, со специјален хеликоптер дојдоа високи претставници на Генералшатбот на ЈНА. Генералите разговараа со Глигоров токму во вилата. Не ми кажуваа кој ќе слета, дури не ни видов. Дознав од протоколот дека разговарале за мирно повлекување на ЈНА од Македонија“, раскажува Атанасовски.

    Клучевите од вилата со длабока емотивна тага, поради долгогодишната поврзаност со објектот, Атанасовски ги предал во 2002 година. По ова, не знае каде биле однесени фотографиите од комуинистичкиот лидер Колишевски и мебелот од „Симпо“ и „Леснина“.

     

    Постановка со препарирани животни и фотоматеријали од флора и фауна во некогашната Вила на Лазо

    Новите политичари не делат спални со старите

    И покрај богатата историја на објектот, во плурализмот, ниеден македонски политичар не изрази желба да одржи состанок во вилата. Државата на крај објектот го предаде во сопственост на Националниот парк „Пелистер“, кој го опреми во информативен центар. Тој е комплетно реновиран. Има прирачна кујна, библиотека и сали за состаноци и изложби.

    „Имаме постановка со препарирани животни и фотоматеријали од флора и фауна. Има околу сто парчиња на суви печурки од поднебјето на Пелистер, хербариска постановка подготвена со помош на Природонаучниот музеј и Академијата на науките, видови на растенија кои познати ботаничари од Македонија и околните држави тука ги собрале“, вели Пеце Цветановски од Националниот парк „Пелистер“.

    Инфоцентарот „Седум кладенци“ е збиралиште на планинари, кои тука изложуваат оригинални фотографии од планинските авантури. Се одржуваат научни симпозиуми, како и училишни и истражувачки екскурзии. Годишно, центарот го посетуваат 15.000 гости.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира