За жал, се соочуваме со општество кое сака привилегирани позиции за работа, а потешко наоѓаме кадар за работа со болници каде има тешки пациенти со декубитни рани, рече министерот за здравство Беким Сали во врска со недостигот на здравствен кадар во Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 ноември“ во Скопје. Таму дел од лекарскиот кадар се пензионера.
„Ја знам ситуацијата, во континуитет отвораме огласи, бараме вработувања, меѓутоа за жал, се соочуваме со општество кое сака привилегирани позиции за работење, а во случаите каде има тешки пациенти со декубитални рани, потешко наоѓаме кадар кој е подготвен да се справи и пружи здравствена услуга за овие пациенти. Овде е грешката, а не во финансиите и неспособност на директорката која ја почитувам, туку во неподготвеноста на кадарот“, рече Сали.
На денешната прес-конференција тој беше прашан дали во услови на криза, кога во болниците недостига лекарски кадар, ќе ги укинат економските директори, што оваа власт го имаше најавено уште во 2016, а на сметка на тоа да вработат повеќе доктори. Сали рече дека економските директори остануваат зашто трошокот за нив не е голем и нема да смени ништо во вкупниот буџет на јавните здравствени установи.
„Податоците кажуваат дека износот не е значителен за преживување односно за нормализирање на функцијата на секоја клиника. Во последните три години, вклучувајќи го периодот на пандемијата, па и енергетската криза, се соочуваме со финансиски недобро планирани буџети за јавни здравствени установи врз што не влијаат поединци и менаџери, од Владата, туку вонредни состојби кои нè тераат постојано да бидеме во комуникација со сите нивоа за да можеме да ублажиме недостиг на снабдување со лекови , опрема, пружење на услуги, реновирања“, рече Сали.
Ж. ЗДРАВКОВСКА