УМРЕНИТЕ ДОМА НЕ ТРЕБА ДА СЕ БРОЈАТ КАКО ЖРТВИ НА КОВИД-19, ВЕЛИ Д-Р СТАНКОВ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА СУДСКА МЕДИЦИНА

    УМРЕНИТЕ ДОМА НЕ ТРЕБА ДА СЕ БРОЈАТ КАКО ЖРТВИ НА КОВИД-19, ВЕЛИ Д-Р СТАНКОВ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА СУДСКА МЕДИЦИНАНајдискутабилни случаи се оние кои се починати надвор од здравствените установи, а кај кои постморталниот брис покажал присуство на КОВИД 19, вели д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.(Од личната архова на Д-р Станков)

    Сите лица кои Министерството за здравство ги води како починати од КОВИД-19 не треба да бидат дел од официјалната статистика, затоа што за многумина не може да се утврди која е примарната причина за смртта, вели д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.

    Тој смета дека најдискутабилни случаи се оние кои се починати надвор од здравствените установи, или се донесени на умирање во болница, а кај кои постморталниот брис покажал присуство на КОВИД 19.

    „Овие случаи или пак други случаи каде имаме сосема друга причина за смрт не можеме и не смееме да ги вклучиме во вкупната бројка на починати лица од КОВИД 19“, вели д-р Станков.

    Институтот за судска медицина како дел од безбедносниот и здравствениот систем во државата активно е вклучен во раното откривање и превенцијата на заразни болести.  Затоа е одлучено овој институт детално да ја разгледа медицинската документација на сите досегашни случаи и да се дојде до можен одговор дали кај сите причината за смрт била поврзана со инфекција со КОВИД 19.

    „Кај овие лица детално ќе се разгледа медицинската документација и околностите под кои настапила смртта. Сите овие починати лица, особено оние каде имаме сосема друга причина за смрт не треба да бидат вклучени во групата починати лица од КОВИД 19“, вели д-р Станков и објаснува:

    „Одредувањето на причината за смрт е можно само преку извршување на судско медицинска или патолошко анатомска обдукција. Но, кај нас не постојат услови за извршување на обдукции кај кои освен позитивниот тест постои и јасна клиничка слика и дефинитивна дијагноза дека има инфекција со овој вирус. Тие случаи се високо ризични и ниедна реномирана институција не препорачува да се вршат обдукции кај овие пациенти. Но, кај нив, бидејќи постои медицинска документација со дефинитивно поставени дијагнози, може индиректно да се утврди дека починале од инфекција со ковид 19 или од компликации кои ги предизвикува вирусот. Велам индиректно, бидејќи не постои обдукција, но со голема веројатност причината за смрт е заради инфекција со ковид 19“.

    „Тоа што јас го гледам како проблем е поставувањето на причината за смрт“, вели д-р Станков. Според него, постојат огромни грешки при пишувањето на причината за смрт, особено кога ќе се напише дека престанале да работат срцето или белите дробови.

    „Тука блиските роднини на починатиот се во недоумица и не знаат од што реално починал нивниот близок. Па така имавме случај во Куманово каде почина пациентка на инфективното одделение со позитивен тест и дијагностицирана пневмонија, а во документот околу нејзината причина за смрт беше наведен кардиак арест што во превод значи прекин на работата на срцето. Сето ова се протолкува дека пациентката починала од срцев удар“, вели д-р Станков.

    Од почетокот на пандемијата до сега на Институтот за судска медицина биле извршени пет обдукции на починати лица кај кои е откриено присуство на коронавирусот, кога брисевите биле земени за време на обдукцијата.

    Еден од случаите е самоубиство со бесење, каде што пост мортем тестот покажал присуство на вирусот, но причината за смртта воопшто не е поврзана со компликација од КОВИД-19.

    Кај останатите четири случаи може да се каже дека смртта е поврзана со инфекција предизвикана од компликации на КОВИД-19. Најпознат е случајот со жената во Велес која беше пронајдена мртва во станот со својот син на 6 април, откако соседите со месеци ги немаа видено. Коронавирусот како причина за смрт е откриена и при обдукцијата на затвореник во Шутка, како и кај косовски државјанин што починал ненадејно, но по судско вештачење е откриено дека имал наод на пневмонија, и кај државјанин на Албанија, кој бил градежен работник во Кавадарци, кому му се слошило, заминал дома и по три дена бил пронајден мртов. Во сите четири случаи е утврдено дека имале наод на бели дробови што упатува на тоа дека умреле од компликации предизвикани од вирусот.

    Д-р Станков објаснува дека причина за смрт по дефиниција е основната болест или повреда која го започнала ланецот на патофизиолошки промени кои довеле до смрт. Треба да се прави разлика помеѓу основна причина за смрт и непосредна причина за смрт. На пример, во случај кога некој имал канцер во терминална фаза, а постмортем му е утврдено дека бил позитивен на КОВИД-19, канцерот е основната причина за смрт, а непосредно можеби смртта настапила од компликации од пневмонија. Кај несреќни случаи пак ситуацијата е уште појасна. На пример, кај загинат во сообраќајка кај кого е утврдено присуство на коронавирус, основната причина за смртта се на пример повреди на мозокот, а не КОВИД-19.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира