Работната група на Министерството за правда ги пронашла сите злоупотреби во компјутерскиот систем за автоматска распределба на судските предмети (АКМИС) по двете контроли во Основниот суд Скопје 1, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК заменик-министерот за правда Оливер Ристовски.
„Најдени се сите злоупотреби во АКМИС-системот во Основниот суд Скопје 1 при распределбата на предметите кај судиите, работната група од Министерството за правда ја привршува работата“, вели Ристовски, кој ја води работната група, заедно со министерот Билен Саљији.
Тоа што е таму најдено е човек да се фати за глава, вели Ристовски, но апелира да се почека првин денеска, евентуално и уште во една контрола, работната група да ја заврши работата и да напише извештај. Извештајот ќе биде објавен јавно, со доказите кои ќе му бидат поднесени на редовното Јавно обвинителство.
Ристовски вели дека оваа е посебна истрага, по препорака на Рајнхард Прибе, кој нотираше дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС-системот.
„Истрагата што ја води Специјалното обвинителство, која, како што чувме, во дел опфаќала и оддавање службена тајна и злоупотреби со системот за автоматска распределба на предметите во Кривичниот суд во одреден период, е различна и нема врска со контролата што ја прави работната група од Министерството. Контролата овде е извршена од корен, откако е поставен АКМИС-от во 2010 година“, вели Ристовски.
Увидот во АКМИС-системот во скопскиот Кривичен суд почна минатиот четврток, кога обвинителите од СЈО вршеа претрес во канцеларијата и во домот на екс претседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски, осомничен за оддавање службена тајна и за местење судски предмети преку овој систем.
„Со наредба од судот ги одземавме сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување на предмети. Едната предистражна постапка е поврзана со друг предмет кој произлегува од прислушуваните разговори“, рече тогаш Јанева.
С. К. ДЕЛЕВСКА