Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ неколку пати повтори дека единствениот пат напред кога се работи за проширувањето на ЕУ е елиминација на билатералните прашања од пристапниот процес. Како најдобар пример за тоа, тој ја посочи Македонија, која првин беше блокирана од Грција, а сега од Бугарија.
„Сите билатерални прашања што не се формално, стриктно правно поврзани со легислативата на ЕУ треба да бидат елиминирани од пристапниот процес. Тоа е единствениот пат напред и јас зборувам од искуство. Тоа не е навистина квантна физика да се воспостави и треба да бидеме коректни во тој аспект. Примерот со Северна Македонија е симболичен. Чекаа 15 години да се реши грчкото прашање, штом беше решено, сега имаме ново прашање. Тоа не е фер, тоа е штетно за имиџот на ЕУ и јас го велам тоа јавно со години и ќе продолжам да го велам“, кажа Пленковиќ на панел со премиерите на земјите од Балканот, во рамките на Блед стратешкиот форум во Словенија.
Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ рече дека понекогаш има впечаток дека лидерите на ЕУ не знаат што сакаат кога е во прашање проширувањето. Тој потсети дека Црна Гора ги почна преговорите пред десетина години, нема проблеми со соседите и почна борба со корупција, а членството во ЕУ никако да дојде.
Српската премиерка Ана Брнабиќ рече дека од искуство на Србија, која исто така преговара со ЕУ десетина години, датумот на почеток на преговори не значи ништо во пракса. Според неа, ЕУ постојано измислува нови барања и ја спомена Македонија како пример дека и со сменето име сè уште ги нема почнато преговорите.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, раскажувајќи ангегдота од средба со македонски студенти кои работат во Словенија, кажа дека тие му побарале да ја внесе Македонија во ЕУ за да можат да се вратат дома и да работат во земја членка на ЕУ.
Домаќинот, словенечкиот премиер Роберт Голоб, во воведниот збор рече дека наредните 12 месеци ќе бидат клучни за проширувањето, додека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека ЕУ треба да биде спремна до 2030 година да прими нови членки.