Трансплантацијата е тимска работа, каде секој поединец прави суштински дел од мозаикот, рече денеска директорката на Клиниката за хематологија, д-р Ирина Пановска-Ставридис, на Свечена академија за отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката.
Центарот беше отворен на 25 јануари, и е сместен на целосно нов кат на површина од 800 квадратни метри, донација на Амбасадата на САД, која преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржа изградбата со еден милион долари. Останатите средства се обезбедени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
На денешната свеченост во амфитеатарот на Деканатот на Медицинскиот факултет, пред голем број доктори, професори, научници, д-р Пановска-Ставридис им се заблагодари на сите кои помогнаа во реализацијата на Центарот и додели благодарници.
„Среќна сум дека се собравме сите, без чие залагање овој исклучитечлно значаен кацапитет за јавното здравство немаше да стане реалност. Искрено ви благодарам, бидејќи трансплантацијата е тимска работа, каде секој поединец прави суштински дел од мозаикот, за кој, без вашиот дел, немаше да биде целосен“, рече директорката.
Со отворањето на Центарот, проширени се капацитетите за лекување на пациенти на Клиниката за хематологија. Годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои досега установата немаше просторен капацитет да ги прифати. Станува збор за регионален Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки кој освен осигурениците на Македонија, има капацитет да лекува и пациенти од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, земји каде што овие интервенции уште не се достапни.
Б. НЕСТОРОСКА