ВО НОВИОТ ЦЕНТАР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА ПОДДРЖАН СО АМЕРИКАНСКА ДОНАЦИЈА ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ И ПАЦИЕНТИ ОД РЕГИОНОТ

    ВО НОВИОТ ЦЕНТАР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА ПОДДРЖАН СО АМЕРИКАНСКА ДОНАЦИЈА ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ И ПАЦИЕНТИ ОД РЕГИОНОТСе планираат и 30 нови вработувања на медицински кадар за новиот Центар на Клиниката за хематологија. Плочата ја открија заменикот амбасадор на САД Ерик Мајер и директорката на Клиниката Ирина Пановска Ставридис (Фото: К. Попов)

    Проширени се капацитетите за лекување на пациенти на Клиниката за хематологија, со отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки, кажаа директорката на Клиниката, д-р Ирина Пановска-Ставридис и министерот за здравство Фатмир Меџити на денешното отворање.

    Годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои досега установата немаше просторен капацитет да ги прифати.

    Центарот е сместен на целосно нов кат на површина од 800 квадратни метри, донација на Амбасадата на САД, која преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржа изградбата со еден милион долари. Останатите средства се обезбедени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

    Д-р Пановска-Ставридис кажа дека станува збор за регионален Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки кој освен осигурениците на Македонија, има капацитет да лекува и пациенти од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, земји каде што овие интервенции уште не се достапни.

    „Ова е една од најважните инвестиции во јавното здравство во последните години. Со отворање на овој Центар за трансплатација на хематопоетски матични клетки, на нашата Клиника се воведуваат највисоки светски стандарди за лекување на една од најтешките хематолошки заболувања. Трансплантација на хематопоетски матични клетки претставува најсложена биолошка интервенција, при која клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав донор, со што може да се излекуваат најтешките малигни хематолошки заболувања. Се планираат и 30 нови вработувања на медицински кадар“, рече д-р Пановска-Ставридис.

    Директорката кажа дека од 2018 до денес извршени се вкупно 320 трансплантации. Од денес, додаде, оваа бројка очекува да се зголеми за двојно повеќе трансплантации во следните неколку години.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира