Денеска низ Скопје протестираа транспортерите организирани од Асоцијацијата Макамтранс, барајќи место зголемена акциза на горивата државата да воведе прогресивен данок на доход за сите фирми. Билјана Муратовска, генерален секретар на Макам-транс, зборувајќи пред Владата, кажа дека поради коронакризата работата на транспортерите е намалена за 70 проценти.
„Единствено нешто што од бог ни падна тоа се цените на нафтата“, кажа таа.
Цената на дизелот во моментов изнесува 42,5 денари. Владата со уредба со законска сила ја зголеми акцизата на горивата за 3 денари на 21 април.
„Ова беше еден предупредувачки протест за да не видат. Транспортерите имаат вложено огромни средства. Се бориме со невидени работи коишто се случуваат на терен, дали се конвои, дали се судари на тие конвои. Нашите возачи остануваат по десетина дена на пат што значи дека се зголемуваат трошоците за нивни дневници. Апелирам до Владата сите овие барања коишто ги доставивме ако веќе сакаат сите да бидеме солидарни нека воведат прогресивен данок, па најбогатите каде влегуваат и банките, осигурителните компании, телекомуникациските и сите други кои земаат огромни профити што лесно може да се види од завршните сметки, нека платат 2 процента данок. Да го наречеме данок за ковид. Помалите да плаќаат по еден процент. Најмалите, вклучително и асоцијациите и сиз-овите да плаќаат по 0,5 проценти и така да собереме средства за да помогнеме на стопанството. Вака само првите два три месеца товарот паѓа на превозните трговски друштва“, изјави Муратовска.
Од Владата велат дека го уважуваат демократското право на протест на сите граѓани во земјата, но сакаат да ја информираат јавноста дека цената на акцизата на нафтата не предизвика никаков ценовен шок, напротив, имаме најниска цена на нафта во регионот и најниска цена во изминатите 10 години.
„Сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата одат во Буџетот на Северна Македонија за справување со коронавирусот за поддршка, за финансирање на мерки за поддршка на стопанството и за социјалните мерки за поддршка на граѓаните. Цената на акцизата е дефинирана врз основа на анализите кои покажаа дека промената на цената е незначителна во споредба со падот на цената на нафтата од јануари до сега. Со падот на цената на нафтата од нешто повеќе од 20 денари од почетокот на годината до сега, промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со ова големо намалување“, велат од Владата по протестот.