Речиси една третина (28%) од фирмите на кои Министерството за транспорт и врски ќе им одземе лиценци за градежништво и урбанистичко планирање се со блокирана сметка или се правно и деловно неактивни, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), невладина организација која ги мониторира јавните набавки. Дополнително, 31 отсто од фирмите опфатени со одлуката имаат годишен приход помал од 15 илјади евра.
Иако првичниот список објавен од Министерството содржеше 479 фирми, реалната бројка на компании на кои ќе им бидат одземени лиценците е 426, бидејќи дел од фирмите се повторувале на списокот, а на други им се одземаат повеќе лиценци. Вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца од 11 различни видови.
Анализата покажува дека одземањето на лиценците нема значително да влијае врз учеството на овие фирми во јавните набавки. Од 426-те фирми, само 49 (11%) имаат актуелни договори за јавна набавка, а лиценцата што им се одзема е релевантна за договорот само кај 23 фирми (5%). Овие 23 фирми имаат 58 активни договори во вкупна вредност од 14 милиони евра. Во последните три години, 101 фирма од списокот добила тендери во вкупна вредност од 77 милиони евра, а моментално активните договори на 49 фирми вредат 26 милиони евра.
Според податоците од Централниот регистар, 72% од фирмите чии лиценци ќе се одземат се активни. Од активните фирми, 363 оствариле вкупен приход од 128 милиони евра во 2023 година. Сепак, распределбата на приходите покажува дека најголем дел се мали компании – речиси третина имаат приход под 15 илјади евра годишно, а само 33 фирми (8%) пријавиле приходи над 1 милион евра.
Во однос на вработените, во 426-те фирми работат вкупно 2.188 лица. Загрижувачки е што 4% од фирмите немаат ниту еден вработен, 3% имаат само еден, а само 3% од компаниите имаат повеќе од 10 вработени.
Најголем дел од фирмите (92%, или 390) ќе останат без една лиценца, 28 фирми (6%) без две, а 7 фирми (2%) без три лиценци. Само една компанија ќе загуби четири лиценци.