Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува да спроведува засилени сообраќајно-контролни активности на возилата кои вршат јавен превоз на патници на гостиварското подрачје.
Во вчерашната таква акција, спроведена од 7 часот и 30 минути до 15 часот и 30 минути, биле контролирани 12 возила кои вршеле јавен транспорт, автобуси и минибуси. При контролата било утврдено дека кај 3 возила била констатирана техничка неисправност на уредите за сопирање, додека еден минибус го управувало лице без положен возачки испит.
„Трите неисправни возила веднаш се исклучени од сообраќај и на возачите и правните лица им се изготвени законски предвидените поднесоци“, соопштува портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Вчера на гостиварското подрачје биле откриени и 11 пречекорувања на дозволената брзина.
Полицијата сообраќајни контроли извршила и во тетовскиот регион. Тука полицијата изрекла 16 прекршочни, 30 мандатни платни налози и 14 писмени опомени. Казните биле изречени за пребрзо возење, управување без возачка дозвола, непрописно паркирање, истечена регистрација и други прекршоци.
З. АНДОНОВ