ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР ЌЕ МОРА ДА ГИ ВПИШУВА ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ НА ФИРМИТЕ, ПРЕДВИДЕНО Е СО ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ ПЕРЕЊЕ ПАРИ

    ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР ЌЕ МОРА ДА ГИ ВПИШУВА ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ НА ФИРМИТЕ, ПРЕДВИДЕНО Е СО ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ ПЕРЕЊЕ ПАРИСо законските измени, кои вчера беа прифатени од Владата, се враќа обврската високи функционери да бидат под засилен мониторинг за перење пари, што било укинато со измените во 2014 година (Фото: М.Златевска)

    Централниот регистар ќе има обврска ги впише вистинските сопственици на фирмите, обврска што ја нема со постоечките законски решенија. Ова е предвидено во измените и дополнувањата на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, кој вчера беше усвоен на седница на Владата.

    „Со овие измени е предвидено правните лица или фирмите да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот вистинските сопственици. Во моментов, Централниот регистар нема обврска да впише кое лице е вистински сопственик. Со измените, Централниот регистар ќе ја добие таа обврска. Не може фирма, правно лице да биде вистински сопственик на друго правно лице. Ќе мора да постои податок во Централниот регистар кој со име и презиме е мнозински сопственик“, рече портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

    Тој кажа дека измените на овој закон се во насока на усогласување на одредбите од четвртата директива на Европската Унија за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.

    „Во 2014 година биле направени измени на овој Закон и со нив се изземени носители на јавни функции да бидат под зајакнати контролни механизми за можност за перење пари. Ова го изменивме и проширен е опсегот на именувани функционери врз кои што ќе бидат применети зајакнати механизми, ќе бидат проверувани за можност за перење пари. Тоа е политичко прашање. Некој ги изземал во Македонија тие да не бидат дел од овие мониторинг работи“, рече Бошњаковски.

    Со измените на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се предвидува намалување на прагот на забрана на готовински плаќања надвор од банките од 15.000 на 2.000 евра, заради намалување на сивата економија.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира