ЦЕНЗУРИРАНА ЕМИСИЈАТА НА СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН НА ТВ ТЕЛМА

    ЦЕНЗУРИРАНА ЕМИСИЈАТА НА СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН НА ТВ ТЕЛМАВо 11 години од постоење на емисијата „Код“ сум се соочила со многу притисоци, но до сега цензура не сум доживеала - Снежана Лупевска Созен во најава на цензурирараната емисија (фото: принтскрин)

    Емисијата на новинарката Снежана Лупевска Созен, „Код“ што синоќа беше емитувана на Телевизија Телма беше цензурирана, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК авторката.

    Таа вели дека сопственикот на фабриката во Кавадарци која за чиј случај бил еден прилог од емисијата, извршил притисок врз менаџментот на ТВ Телма. По неговото јавување не само што бил симнат прилогот, туку била симната и најавата за емисијата која се вртеше цел ден.

    Лупевска Созен синоќа на својот фејсбук статус објави дека се соочила со притисок кога била информирана дека новата епизода на „Код“ нема да биде објавена во целост.

    „Во емисијата ги прикажуваме трагичните судбини на двајца работници. Едниот од нив умрел во фабричката хала кога го згмечиле котури, а другиот останал без двете раце при повреда на машината на која работел. И двата случаи тапкаат низ судските лавиринти со години. Александар е мртов а Христијан е без рака,но се надева на вештачка за која во моментов нема финансиски средства“, напиша новинарката Лупевска – Созен.

    Откако ТВ Телма не го објави прилогот, Лупевска Созен одлучи да го објави на својот фејсбук профил без разлика на последиците што може да ги трпи за своето работно место.

    „Почитувани пријатели, од етички, морални, но пред сѐ човечки причини, решив, и покрај можните последици за мојата кариера и работа во телевизијата, на мојата ФБ страница да ја објавам целосната емисија, со првиот прилог, така како што беше направена и таква каква што требаше да ја погледнете“, напиша Лупевска Созен.

    Јас останувам на страна на вистината и искрено се надевам и верувам дека оваа емисија ќе допре до сите вас и заеднички ќе им помогнеме на семејството на Александар и на Христијан, вели Снежана Лупевска Созен.

    Емисијата „Код“ која ја прави тим предводен од цензурираната новинарка пред една недела ја доби годишната награда за истражувачко новинарство што ја доделува Здружението на новинари на Македонија.

    Од Телевизијата синоќа немаше никаков коментар за цензурираниот прилог на емисијата.

    Вчера, специјализираниот портал за судство „Сведок“ објави дека компании и банки блиски до сопственикот на фабриката што ја цензурираше емисијата на Лупевска Созен, со години давале пари за консултантски услуги и реклами на фирмите на новинарката Ивона Талевска, во милионски износи, од кои таа затајувала данок.

    Емисијата „Код“ постои од 2007 година. Новинарката Лупевска Созен вели дека за време на 11 години до сега претрпела многу притисоци, но до сега ниту еден прилог не бил цензуриран.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира