Осомничениот Ангел Самараков, самостоен инспектор припадник на Единицата за лично обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, бил фатен на паркинг пред хотел во Велес при обид да продаде тајни документи за 50.000 евра, соопшти Јавното обвинителство.
„Осомничениот како службено лице, вечерта на 30.3.2025 година на паркинг просторот пред хотел во Велес се сретнал со неповикано лице – сведок во постапката и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна. Притоа му дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите“, соопштија од обвинителството.
Истрагата ја води јавен обвинител Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција. Тој предложил до судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје на осомничениот да му определи мерка притвор во траење од 30 дена, кој предлог е прифатен од судот.
Самараков е осомничен за кривичното дело Оддавање службена тајна за кое што е предвидена затворска казна од најмалку една година.
Од обвинителството напоменуваат дека „ниту лицата, ниту документите во овој предмет, не се поврзани со лицата и групата од Грчец“.