УЧИЛИШТАТА ПРИЈАВИЛЕ НАД 18 ИЛЈАДИ ОШТЕТЕНИ УЧЕБНИЦИ, ЈАНЕВСКА АПЕЛИРА ДА СЕ ПРИЈАВАТ ВО ПЕДАГОШКАТА СЛУЖБА И СИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ НОВИ

    УЧИЛИШТАТА ПРИЈАВИЛЕ НАД 18 ИЛЈАДИ ОШТЕТЕНИ УЧЕБНИЦИ, ЈАНЕВСКА АПЕЛИРА ДА СЕ ПРИЈАВАТ ВО ПЕДАГОШКАТА СЛУЖБА И СИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ НОВИДиректорот на Педагошката служба во МОН Роберт Аџипетров и министерката за образование Весна Јаневска на денешната прес-конференција. (Фото: МОН)

    Училиштата да не им делат парталави и неупотребливи учебници на учениците за следната учебна година,  треба да ги пријават во електронскиот систем на Министерството за образование и наука (МОН) и тие ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    Директорот на Педагошката служба во МОН Роберт Аџипетров кажа дека рокот за пријавување бил до мај, но го продолжиле и до сега се пријавени над 18 илјади ошетени учебници. Лани пред почетокот на учебната 2024/2025 година биле пријавени 6 илјади оштетени учебници.

    Јаневска кажа дека над 500 илјади учебници треба да се обезбедат за основно и средно образование во септември, во кои не се вклучени средното стручно образование и учебниицте за странски јазици. Таа додаде ако е потребно рокот за пријавување ќе биде продолжен.

    Јаневска и Аџипетров велат дека бројката од 18.000 е голема во споредба со претходните години, но е мала кога ќе се земе дека треба да се набават вкупно 500.000 учебници.

    „Деновиве примам поплаки дека наставниците им даваат учебници со одредени недостатоци и со пообемно оштетување. За оваа намена обезбедени се буџетски средства и нема потреба да ги разочаруваме ниту учениците, ниту нивните родители кои оправдано реагираат до Министерството дека нивните деца добиваат учебници без корици и искинати страници. Овој предизвик воопшто не треба да постои. Секое училиште има комисија за учебници која лесно може да процени дали еден учебник може или не може да се употребува и тоа што не е за употреба, не смее да се враќа во библиотечниот фонд и потоа некому да се доделува. Треба да се извести Педагошката служба при Министерството и потребниот тираж ќе биде надополнет“, кажа Јаневска.

    Министерката додаде дека учебниците од прво до трето одделение секоја учебна година се печатат во полн тираж, па така ќе биде и оваа, со оглед дека станува збор за таканаречени „работни учебници“ кои содржат материјали што се пополнува со пишување, боење и сечење.

    „Нови учебници со надградена содржина ќе има и за седмо одделение, затоа што од септември започнува примената на нови наставни програми. Ја модифициравме Концепцијата за основно образование на претходната Влада, која предвиде интегрирање на предмети како историја и географија, хемија и физика во седмо. Ги одвоивме, на барање на пошироката јавност, а најмногу на барање на наставниот кадар и затоа имаме нови наставни програми и нови одобрени учебници кои наскоро влегуваат во процес на печатење“, рече Јаневска.

    Министерката додаде дека за првпат после шест години, учениците во основните училишта ќе имаат учебници по сите странски јазици.

    „Цели шест години, не беа набавени учебници по англиски, француски, германски итн. На 1 септември, за сите странски јазици во основните училишта ќе има нови учебници. Нови учебници по дел од предметите ќе има и во гимназиското и во средното стручно образование“, кажа Јаневска.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира