Во земјава се укинати клучни тестирања во програмите за мајки и деца, како на пример, за прееклампсија (состојба со висок притисок) во бременост, за слух кај новороденчиња, а намалени се средствата за медикаментозен абортус, заклучено е на форумот „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“, кој се одржа вчера со граѓански организации и институции од здравствениот сектор.
Според извештаите, услугите за најранливите се недоволно искористени, т. е. само 27 жени добиле бесплатна контрацепција и само еден бесплатен преглед за жртва на сексуално насилство во 2024.
Во Програмата за партиципација (за бремените жени, родилки и доенчиња), истражувањата покажале дека 92 отсто од Ромките не знаат дека имаат право на бесплатни прегледи за време на бременоста, а 80 отсто платиле за услуги што им следуваат бесплатно. Министерството за здравство покрило партиципација за само 2.850 пораѓања од 16.061 живородени деца во 2024 , оставајќи 82 отсто непокриени од страна на државата.
За превенцијата од ХИВ, во споредба со 2021, буџетот за превенција е намален за околу 70 отсто што резултира со 50 насто помал опфат. Здруженијата откриваат еден ХИВ случај на 150 теста, додека здравствените установи еден случај на 1.150 теста, што укажува дека за рано откривање критични се заедниците и граѓанските организации.
За скрингот за рак на грлото на матката, анализите покажуваат дека во 2023 со скрининг биле опфатени само 10% од жените од целната возрасна група, што е далеку под потребните минумум 25% годишно.
„Недостигот од матични гинеколози е трајна бариера, особено во руралните средини“, вели извештајот.
Главните заклучоци од дискусијата се дека неопходно е вклучување на граѓаните и граѓанските организации во планирањето и спроведувањето на превентивните програми, препознавање на граѓанските организации како даватели на превентивни здравствени услуги, потребно е зголемување на буџетите за превенција, како и зајакнување на свеста на граѓаните за нивното право на превентивна здравствена заштита.
Настанот се одржа како дел од проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“ на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Сивика мобилитас.
Б. НЕСТОРОСКА