УМИРААТ ПО 4.000 ПУШАЧИ ГОДИШНО, ДОКТОРИТЕ АПЕЛИРААТ ИТНО ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ

    УМИРААТ ПО 4.000 ПУШАЧИ ГОДИШНО, ДОКТОРИТЕ АПЕЛИРААТ ИТНО ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕОд денешната јавна расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето”, во собраниската Комисија за здравство. (Фото: Министерство за здравство)

    Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутун или тутунски производи, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски на денешната јавна расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето”, организирана од собраниската Комисија за здравство.

    Според податоците, како што рече тој, седум од десет корисници на тутун и тутунски производи почнуваат да ги користат во малолетна возраст.

    „Ние од малолетни деца создаваме доживотни зависници кои водат во висока смртност. Само пет отсто од зависниците од тутун успеале да ја надминат зависноста самостојно. Од лично искуство можам да говорам колку е значајно да излезме од таа зависност. Без промена на нашите животни стилови, без 30 минути пешачење, без сузбивање на пушењето, алкохолот, ние неминовно ќе се соочиме со неодржива ситуација на здравственото осигурување. Ако еден просечен пушач во Македонија пуши околу 275 цигари годишно, тоа е умерено пушење, троши на цигари над 500 евра годишно, односно издвојува повеќе отколку за здравствено осигурување. Поради сите овие причини, мора да ја подигнеме ситуацијата на повисоко ниво, да ја третираме како национална итност и соодветно да постапуваме“, додаде Клековски.

    Д-р Елизабета Зисовска, педијатар-неонатолог, апелираше до родителите, бабите и дедовците, наставно-воспитниот кадар, медиумите, јавните личности и креаторите на политики, дека заеднички треба да помогнат за да се обезбеди здрава средина, без чад, за раст и развој на младата популација.

    Д-р Глигор Тофоски, специјалист-акушер, рече дека според податок од Светската здравствена организација (СЗО), 40 проценти од младите на возраст од 14 години веќе пушат, а имаме закон дека не смее да се продаваат цигари на малолетници.

    „Имаме закон според кој пушењето е забрането и во здравствени установи, кафулиња, ресторани. Кога излегуваме од кафулиња и ресторани мирисаме на цигари, затоа што таму има квазитераси на кои може да се пуши. Пасивното пушење е исто така здравствен проблем“, кажа д-р Тофоски.

    Законот за заштита од пушењето е еден од 12-те закони од областа на здравството кои се анализираат од претставници на лекарски здруженија, синдикати, комори и тимови од Министерството за здравство, за да бидат синхорнизирани и да не се кочат процесите во здравствениот систем. Измените во законите беа најавени и почнаа да се работат во октомври.

    Кардиологот Саша Ќаева-Атанасова рече дека најчести ризик фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања, а се поврзани со однесувањето, се употребата на тутун, физичката неактивност, неправилната исхрана и прекумерното пиење алкохол. Значителен број од смртните случаи се припишува на пушењето односно на тутунот кој го зголемува ризикот од смрт, од коронарна болест и цереброваскуларна болест за 23 пати. Таа рече дека бројот на пушачи продолжува да расте.

    „Процентуалната застапеност на населението кое употребува тутун ја става Македонија во државите со најголеми стапки на активни пушачи. Според истражувањата на Институтот за јавно здравје, бројот на активни пушачи во земјата изнесува 40,4 отсто односно само пет проценти успеале да се откажат од цигарите во последните години. Во просек активен пушач консумира до 18 цигари дневно. Загрижувачки е што децата и младите се изложени на чад од тутун во домовите и јавните простори во период кога нивниот кардиоваскуларен систем е во развој, што создава трајни оштетувања и го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања во младата возраст. Изложеноста на пасивен тутунски чад носи значаен кардиоваскуларен ризик ‘, рече Ќаева-Атанасова.

    Таа појасни дека кај непушачите дури и краткотрајната изложеност на чад доведува до воспаление на ѕидот на крвниот сад, зголемена активација на тромбоците, што го зголемува ризикот за коронарна срцева болест и мозочен удар.

    „Од аспект на јавни политики, контролата на тутунот претставува една од најисплатливите стратегии за кардиоваскуларна превенција. Сеопфатните закони за средини без чад, ефикасно спроведување, достапни услуги за откажување од пушењето, одданочување и строга регулација на сите никотински производи доведуваат до намалување на хоспитализацијата од срцев и мозочен удар“, додаде Ќаева-Атанасова.

    Кардиологот д-р Сашко Кедев рече дека можеби еден алармантен сигнал е дека има значајно зголемен ризик од нагла смрт кај млади луѓе без никакво образложение, нагла смрт кај млад човек асоцирана со електронски цигари. Тоа не смееме да си дозволиме и да не го заштитиме нашиот најмлад дел од популацијата, рече д-р Кедев.

    „Втор аспект кој е многу важен е дека пасивното пушење, не зборуваме за конвенционалното пушење, тоа е расчистено, исто така е сигнификантно асоцирано со последици, бидејќи тој чад, тие аеросоли од електронските цигари содржат ултрафини партикли, никотин во непредвилива концентрација, тешки метали, токсични алдехиди и нема дилема дека не смееме да бидеме жртви на правото на некој да пуши електронски цигари, а да го загрозува здравјето пред сѐ на младата популација, меѓутоа и на сите останати. Најверојатно во овој процес пред се здравствени авторитети ќе бидат под голем притисок. Владата ќе биде под голем притисок. Влоговите се огромни, таа индустрија е многу силна. Бизнис заедницата која ја поддржува таа индустрија е многу влијателна и кај здравствените авторитети и во Владата и во Парламентот. Треба да им дадеме голема поддршка во овој нивен, би рекол, многу херојски чин и акт да го поминат и спроведат овој закон“, рече д-р Кедев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира