Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во трговски центар во Скопје денеска била нападната од маж од Богданци, кој веднаш бил уапсен. Ја заштитило обезбедувањето кое е постојано со неа.
„Денеска (18.05.2024), полициски службеници од Полициската станица Центар во 14.00 часот го лишиле од слобода В.П.Г.(57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите: ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш!’. Лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик, за загрозување на сигурноста“, велат од МВР.
Во средата, во подземна гаража на зграда во Центар, кадe што живее Кацарска, беа поставени чаршав и зглавје (импровизиран кревет) и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Обвинителството и полицијата уште не го откриле „аранжерот“ во гаражата.
Кацарска беше вербално нападната и на плажа во Грција, додека го водеше судењето за организираниот напад на Собранието 27 април 2017 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА