УШТЕ НЕ СЕ ПОДЕЛЕНИ ВАУЧЕРИТЕ ЗА ИНВЕРТЕРИ ЗА КОИ СЕ АПЛИЦИРАШЕ ВО ФЕВРУАРИ

    УШТЕ НЕ СЕ ПОДЕЛЕНИ ВАУЧЕРИТЕ ЗА ИНВЕРТЕРИ ЗА КОИ СЕ АПЛИЦИРАШЕ ВО ФЕВРУАРИОд Министерството за економија велат дека ваучерите ќе се доделат после ребалансот на буџетот. (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните уште не ги добиле ваучерите за клима инвертери за кои аплицираа во февруари. Поминаа шест месеци, а од Министерството за економија не завршиле со проверките и не се направени списоците на граѓани кои ќе добијат ваучер од 23.000 денари за купување инвертер. Не се знае ниту од кои фирми ќе може да се набават инвертерите откако ќе се поделат ваучерите.

    САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до кабинетет на новиот министер за економија Бесар Дурмиши дали овој проект ќе се реализира и кога, со оглед на тоа дека за него нема никакви информации во јавноста и дали новата Влада ќе ги додели ваучерите кои ги најави претходната, односно тогашниот министер Крешник Бектеши.

    Оттаму ни одговорија дека граѓаните ќе ги добијат ваучерите.

    „Парите за инвертери се обезбедени и ќе бидат поделени. Обезбедени се финансиски средства за околу 8.000 ваучери за инвертер клими, а пристигнати се вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставија 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи барања доставија 4.305 баратели. Во моментот, комисиите за реализација на постапките од двата огласа за доделување ваучери работат интензивно на прегледување на доставените барања, со оглед на големиот број пристигнати апликации. Во меѓувреме, Министерството за економија и труд, по службена должност, врши проверки и со другите соодветни институции, како Министерство за социјална политика, демографија и млади, Управа за јавни приходи и ЕЛЕМ Енергетика за сите пристигнати барања“, велат од Министерството за економија.

    Додаваат дека исто така се чека ребалансот на буџетот поради новата реорганизација на министерствата.

    „Откако ќе биде завршена постапката, веднаш ќе биде објавена листата на баратели кои го оствариле правото на доделување на потврда-ваучер и ќе се отпочне со издавање на ваучерите“, велат од Министерството за економија.

    Според огласот кој беше објавен во февруари, инвертерите ќе се праќаат на домашна адреса по пошта и треба да бидат набавени и монтирани до ноември, односно до почетокот на грејната сезона.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира