УСТАВНИОТ СУД ГО ПОНИШТИ УПАТСТВОТО НА ЛОГА ЗА ВОДЕЊЕ МАТИЧНИ КНИГИ СО ЕТНИЧКА ГРАФА, НЕМА ДА ВАЖИ НИТУ ЕДЕН УПИС ШТО Е НАПРАВЕН ПО НЕГО

    УСТАВНИОТ СУД ГО ПОНИШТИ УПАТСТВОТО НА ЛОГА ЗА ВОДЕЊЕ МАТИЧНИ КНИГИ СО ЕТНИЧКА ГРАФА, НЕМА ДА ВАЖИ НИТУ ЕДЕН УПИС ШТО Е НАПРАВЕН ПО НЕГОУставниот суд не навлегол во материјална расправа, бидејќи просто рокот на објавување на упатството не бил согласно законот. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд на денешната седница го поништи Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, акт донесен од страна на министерот за правда Кренар Лога.

    Одлуката е донесена со мнозинство гласови и ќе биде објавена во Службен весник.

    Бидејќи е поништувачка, а не укинувачка, одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува. Оттаму, сите уписи на лица по тоа упатство, ќе бидат поништени, неважечки.

    Тоа беше упатство со графа за етничка припадност во изводите на раѓање, умирање, венчање.

    Но, Уставниот суд не навлегол во материјална расправа, бидејќи просто рокот на објавување на упатството не бил согласно законот.

    Упатството е поништено бидејќи Судот оценил оти е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство во „Службен весник“. Тој член предвидува рок за објавување „најдоцна за 7 дена од денот на донесувањето. Уставниот суд веќе појасни во јавноста дека на прашањето за рокот не му пристапува технички, туку суштински и тој треба да биде почитуван од сите.

    Лога го донесе Упатството на 29 мај, а во „Службен весник“ беше објавено 17 дена подоцна, на 15 јуни.

    „Во однос на прашањата што значи оваа одлука за извадените изводи согласно Упатството, Судот појаснува дека одговорот на ова прашање треба да се бара преку толкување на член 81 став 1 од Деловникот на Судот, кој дава право на секој граѓанин којшто смета дека со поединечен акт, или во случајот издавањето на изводите му е повредено некое право може да бара поништување на таквиот акт, во рок од шест месеци, од денот кога ќе се објави одлуката на Уставниот суд”, вели Судот.

    Согласно Уставот, одлуката на Уставниот суд е конечна и извршна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира