По сопствена иницијатива, уставните судии одлучија да поведат постапка за еднаквото (линеарното) покачување на пензиите во Македонија, за кое последната измена на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, беше објавена на 29.07.2025 година.
Власта и парламентарното мнозинство со овие ад хок измени покажуваат дека не им е гајле ни за должината на работниот стаж, ни за остварената висина на пензијата, ниту за различната висина на придонесите кои ги плаќале пензионерите претходно.
„Станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување), односно со оспорениот член 2 правото на редовно месечно усогласување на пензиите пресметките направени врз основ на порастот на плати и трошоци на живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите пензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес“, вели Уставниот суд.
Судот потенцира дека го имал предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
“Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека оспорениот член 2 се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи. Имено, се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии“, кажува Судот каде е дискриминацијата и кај се оштетени тие што цел живот за Пензискиот фонд двоеле повеќе од платата.
Оттаму се цитира Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14(забрана од дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка ако „нема објективно и разумно оправдување”, односно ако не ја остварува „легитимната цел” или ако не постои „разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира”.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
Постапувајќи по овој предмет Судот ја отфрлил иницијативата поднесена од страна на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска, бидејќи поради оспорените одредби: член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година, беа од привремен карактер и повеќе не се дел од правниот промет. Тие беа за покачувањата во септември 2024 и март 2025 година по 2.500 денари, по кои следуваше и овасептемвриското со по 1.000 денари за сите.
Судот поведува постапка за уставноста на забраната за покачување на пензиите согласно стаж, придонеси, инфлација итн пресликан од моделот во Швајцарија, со последната измена изгласана од мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, со важност до март 2026 година за кога е предвидено ново покачување на пензиите, пак исто за сите.
С. К. ДЕЛЕВСКА



